Илегално ја преминуваат границата и собираат шумски плодови на територијата на Националнот парк Шар Планина. Полицијата и ренџерите на неколку локации изминатиов период затекнале лица од Албанија и од Косово кои собирале боровинки без дозвола.
А дозвола за собирање за комерцијална употреба можат да обезбедат само мештаните кои живеат во заштитеното подрачје, а посетителите можат да собираат само за сопствена употреба.
Од Установата која раководи со паркот велат дека се направени иницијални чекори за евиденција на собирачи, по што ќе бидат обучени кои растенија и плодови може да се собираат, на кој начин и на кои предели.
„Имавме изминатите денови забележано дека население на други региони на државата, па и од соседните земји, доаѓаат и неовластено собираат плодови, нашите заложби се кон тоа да таквите луѓе ги отсраниме од планината, за да остане што поголем ресусрс за да го собираат локланите жители, нормално за да можат да остварат што поголем приход. Освен што ги користат плодовите за сопствна употрба, тие се многу интересни за продажба, има овластени откупувачи кои вршат откуп, и на тој начин локланите жители можат да остварат сериозен приход со што се трудиме да придонесеме кон развојот на локланата економија“, вели Милорад Андриески, раководител на Одделението за одржливо користење на природни ресурси при ЈУНП „Шар Планина“.
Националниот парк во соработка со Факултетот за фармација во Скопје работи на утврдување на количините на диворастечките растенија на територијата на Шар Планина, за што се направени неколку пробни површини, каде што ќе се врши мониторинг.
„Тој мониторинг ќе трае три години и ќе резултира со податоци за присуството и за можноста за одржливо собирање на дел од таквите растенија. Исто така, во фаза сме на изработка на посебните планови за одгледување и заштита на шумите во заштитено подрачје. А останатите 4 плана ќе бидат изработени оваа есен. Така што овие планови освен начините за управување со шумските комплекси, ги опфаќаат и начините за управување со диворастечките растенија, односно со т.н. недрвни производи од шума“, вели Андриески.
И собирачите, но и сите посетители треба да се пријават при секоја посета на Националниот парк Шар Планина, согласно правилата на Јавната установа, во насока на поголема контрола на подрачјето, со цел превенција од пожари.