Бројот на заплени во последните шест месеци бележи раст од 30 проценти во однос на истиот период минатата година. Меѓу позначајните заплени се 66 илјади парчиња ризични лекови, што е една од најголемите бројки во историјата на Царинска управа во овој дел. Посериозни резултати се очекуваат и со започнување со работа на новиот Сектор за посебни истражни мерки, којшто освен со шверцот – директно ќе се бори и со корупцијата, вели директорот на Царинска управа Стефан Богоев во интервју за Слободен печат.
Во однос на заплените остварени во текот на изминатите шест месеци и резултатите од нив, Богоев ги истакна и запленетите девизи кои во противвредност изнесуваат околу 360 илјади евра. Овие средства, како што рече, можат директно да одат во Народна банка и во Буџетот, а тоа во споредба се 6 амбулантни возила што преку заплени ги обезбедила Царинска управа за шест месеци.
„Во моментов го доекипирам Секторот за посебни истражни мерки кој ќе има надлежност да следи потенцијални сторители на криумчарење, корупција, царински измами, а согласно закон, со наредба на суд и обвинител. Имаме опрема, а се вадат и безбедносни сертификати. Очекувам тој сектор наредната година да почне сериозно да функционира и да даде сериозни успеси. Ако некој шверцер влезе во фокусот на разузнавачките тимови на Царината и Тимот за посебни истражни мерки и ако е предмет на следење и видиме дека комуницира или се среќава со наш колега, веднаш и нашиот колега ќе стане предмет на истрага. Очекувам овој сектор да даде сериозен придонес во борбата против криминалот, криумчарењето и шверцот надвор од царината, како и против корупцијата внатре во Царината.“, истакна Богоев.
Двата клучни сектори за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал, Секторот за контрола и истраги и Секторот за посебни истражни мерки, ќе се зајакнат и со опрема, меѓу којашто се и дроновите што ќе бидат обезбедени како донација од Обединетото Кралство.
Беспилотните летала овозможуваат покривање на поголеми области, поголема видливост и во текот на ноќта, како и фотографирање од далечина со висока резолуција. Ова е од голема корист при вршење на специјалните задачи поврзани со откривање организиран криминал и корупција.
Во насока на сузбивање на шверцот и корупцијата, Богоев ги потенцираше и новите проекти на чија имплементација активно се работи.
Следниот месец ќе започне поставувањето на системот на паметни камери за надзор и препознавање на регистарски таблички на граничните премини. Исто така, царинските службеници на најфреквентните премини ќе бидат опремени со телесни камери, преку програми поддржани од амбасадата на САД.
Со грант од Кореја започнати се и активности за имплементација на систем за анализа на ризик и податочен склад, што ќе користи алатки за вештачка интелигенција за селекција на сомнителни декларации во кои постои ризик за плаќање давачки во помал износ од реалната цена на стоката, ризик од погрешно царинско распоредување или ризик од неточно пријавување на потеклото на стоката.
Со почит,
Царинска управа