Божиновска во Баку: Можност за Македонија да обезбеди нови зелени инвестиции

Министерката за енергетика, рудници и минерални суровини, Сања Божиновска, како дел од високата државна делегација предводена од претседателката Гордана Силјановска Давкова, учествува на 29. Конференција на Обединетите нации за климатски промени COP29, во Баку, Азербејџан.

Во делегацијата се и првиот потпретседател на Владата и министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.

COP29 е глобален настан кој обединува светски лидери и експерти од над 70 земји. Темата на овој самит е „Инвестирање во одржлива иднина“, со фокус на енергетската трансформација и заштитата на животната средина преку иновации и нови технологии. Овој годишен самит обезбедува клучна платформа за земјите да ги координираат напорите за намалување на емисиите и промовирање на обновливите извори на енергија.

Министерката Божиновска ја истакна важноста од учеството на овој самит, кој претставува можност за Македонија да создаде нови меѓународни партнерства и да обезбеди нови инвестиции во обновливи извори и одржлива енергетска инфраструктура, што ќе придонесе за постигнување на долгорочни климатски цели и економски развој.

„Ваквите настани ни овозможуваат размена на знаења и искуства со глобалната заедница и можност за создавање соработка што ќе придонесе за нашата транзиција кон зелена енергија“, рече Божиновска.