Мајката на погубениот украински војник Олександар Мациевски го опиша моментот кога го видела убиството на нејзиниот син.
Да потсетеме, видеото од погубувањето беше објавено на социјалните мрежи Телеграм и Твитер претходно оваа недела. На него е прикажано убиството на украинскиот војник додека ја пуши својата последна цигара и ладно му вели на рускиот убиец или убијци „Слава на Украина!“, по што се слушаат истрели и тој паѓа на земја.
Неговата мајка Прасковија за германскиот весник Bild изјавила дека и самата дознала за смртта на нејзиниот син откако видела видео на социјалните мрежи.
„Беше вечер. Го отворив Фејсбук. Го гледам видеото, Саша е, мојот син. Страшна снимка од егзекуцијата. Го погледнав и сфатив дека тоа е мојот син. Врескав од шок“, раскажала и додала дека потоа и се јавила на снаата Јулија и и го испратила видео. И таа потврди дека тоа е Олександар. А видеото исто така го погледнал и неговиот син Миша.
„Бабо, ова е нашиот татко. Го препознав, како пуши, како стои, тоа е нашиот татко“, изјавил синот за германскиот весник.
Да потсетиме, ден по објавувањето на видеото беше пријавено дека погубениот војник е Тимофеј Шадура, но подоцна беше објавено дека станува збор за Олександар Мацијевски.
Ова е голем пресврт, откако претходно бројни украински функционери и светски медиуми објавија дека тоа е Тимофеј Шадура, а видеото од егзекуцијата на војникот го прогласија за симбол на украинската војна. Конфузијата добила такви размери што идентитетот на Шадура го потврдила и неговата сестра, која за се` зборувала за медиумите.
The Guardian денеска пишува дека комеморацијата за војникот ќе се одржи откако властите со сигурност ќе утврдат за кого всушност станува збор.
Така, две семејства и два различни града тврделе дека тоа е нивен човек. За да се реши спорот, воените власти размислуваат за ексхумација на телата на војниците, пренесува The Guardian.