Бомбаш самоубиец уби најмалку 13 лица! Се разнесе меѓу 200 млади мажи

Најмалку 13 лица загинаа во самоубиствен напад во сомалискиот главен град Могадишу, соопшти полицијата.

Во соопштението се вели дека атентаторот влегол во воениот камп пеш и се разнел меѓу околу 200 млади мажи кои требало да бидат регрутирани во сомалиската армија.

Според полициските податоци, најмалку 30 лица се повредени.

Самоубиствениот напад се случил утрово во 9:20 часот пред воениот камп Дамахо. Безбедносните сили се на местото на настанот и започнаа истрага.

Се очекува бројот на жртви да се зголеми. Експлозијата се слушнала во неколку делови од градот.

Исламистичката милиција Ал-Шабаб ја презеде одговорноста за нападот и соопшти дека убила десетици нови регрути, објавија локалните медиуми.

Групата, која е поврзана со терористичката мрежа Ал Каеда, ја обвини владата за експлоатација на невработени млади луѓе за да ги испрати да се борат против терористичката група.

Ал-Шабаб е терористичка милиција која со години извршува напади во Сомалија и пошироко и има за цел да воспостави теократија заснована на шеријатскиот закон.

Во последните недели, имаше интензивирање на обновените судири меѓу владините трупи и милициите, особено на југот и центарот на земјата.