Кремљ во средата објави дека истрагата за авионската несреќа во која загина првиот човек на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин, ја вклучува можноста дека несреќата била намерно предизвикана, а ова воедно е и прво недвосмислено признание дека Евгениј Пригожин можеби е убиен.
„Очигледно е дека се разгледуваат различни верзии на настаните, вклучително и верзијата – знаете за што зборуваме – да речеме дека тоа е намерно испровоцирано злосторство“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека резлутатите од руската истрага се уште се чекаат.
Приватниот авион Embraer Legacy 600 од бразилско производство со кој патувал Евгениј Пригожин од Москва до Санкт Петербург, се урна на 23. август северно од Москва, при што загинаа сите 10 лица во него. Меѓу нив беа уште двајца важни членови на групата Вагнер, четворицата телохранители на Евгениј Пригожин и тричлениот екипаж.
Се уште не е позната причината за несреќата.
Русија го известила бразилскиот орган за истрага на воздухопловни несреќи дека нема да го истражува падот на бразилскиот авион Embraer Legacy 600 во овој момент во согласност со меѓународните правила, соопшти бразилската агенција за медиумската агенција Reuters.
На новинарско прашање дали Русија отфрла меѓународна истрага, Димитриј Песков одговори: „Значи, пред се, истрагата е во тек. Руската истражна комисија е ангажирана, но не може да стане збор за меѓународен аспект во овој случај“.