Унгарскиот парламент со огромно мнозинство усвои пакет закони за надоместоци за мајчинство, со кои мајките со најмалку две деца се ослободуваат од данок на доход доживотно.
Од 2020 година, само мајките со четири или повеќе деца имаа корист од ова даночно олеснување, како дел од мерките на владата на Виктор Орбан за зголемување на стапката на наталитет.
Според усвоениот закон, мајките со три деца ќе бидат ослободени од плаќање персонален данок на доход од 1 октомври оваа година, без оглед на нивната возраст.
Од следната година, мајките со едно дете под 30 години и мајките со две деца под 40 години исто така ќе бидат ослободени од данок на доход.
Мерките постепено ќе се прошират на лица над 60 години до 2029 година, објави унгарскиот портал „Мандинер“.
Ослободувањето од данок на личен доход за мајки со две деца ќе се спроведува во четири фази: мајките со две деца под 40 години ќе бидат ослободени од данок од 1 јануари 2026 година, оние меѓу 40 и 50 години од 2027 година, оние меѓу 50 и 60 години од 2028 година и оние над 60 години од јануари 2029 година.
Мерките ќе се применуваат за веќе родени деца и за целиот приход.
Унгарскиот парламент, исто така, одлучи дека од 1 јули годинава, надоместоците за чување деца, надоместоците за грижа за деца и надоместоците за посвојување ќе бидат ослободени од данок.
Доколку некој добива повеќе бенефиции истовремено, попустот може да се примени на секоја од нив.
Според објаснувањето на предлагачите на измените на законот, примарна цел на намалувањето на даноците е финансиска поддршка на семејствата со деца, почитување на мајките и намалување на нивните оптоварувања, без оглед на нивната возраст.
Важно е оние кои имаат деца да не бидат во неповолна положба во споредба со оние кои немаат, се вели во соопштението, истакнувајќи дека намалувањето на даноците би можело индиректно да ги охрабри жените да имаат деца.