– Челниците на Европската Унија (ЕУ) ги повикаа лидерите на Србија и на Косово во Брисел да преземат одговорност и да го имплементираат Договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштинa.
„Време е сериозно да почнеме да го применуваме Договорот на патот кон нормализација“, истакна високиот комесар за надворешни работи и безбедност на Европската Унија, Жозеп Борел, на социјалната мрежа Х, посакувајќи им добредојде на косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел за најновите разговори во рамките на дијалогот што го води ЕУ.
Истакнувајќи дека допрва треба да почнат да го применуваат договорот што Вучиќ и Курти го постигнаа во март, Борел рече дека останува да се види дали се подготвени да преземат одговорност.
Договорот постигнат со посредство на ЕУ подразбира, меѓу другото, признавање на Косово од страна на Србија како независна држава, што високите српски претставници набрзо потоа го отфрлија.
Започнат во 2011 година, дијалогот меѓу Белград и Приштина под водство на ЕУ има цел да ги нормализира односите меѓу Србија и Косово и да изнајде заемно прифатливо решение за споровите во рамките на правно обврзувачки договор.