– Високиот претставник на Европската Унија, Жозеп Борел, изјави дека ЕУ е подготвена да разгледа „казнени мерки“ против Србија доколку земјата не ги исполни барањата на Унијата.
„Брисел внимателно следи дали Србија ги исполнува барањата на ЕУ за смирување на тензиите на северот од Косово и доколку оцени дека Белград не ги почитува, подготвен е да размисли за воведување мерки против властите во Србија“, изјави Борел.
Одговорот на Борел на пратеничко прашање беше објавен вчера, неколку дена по судирите што се случија овој викенд во северно Косово во кои загина полицаец.
„Неопходно е страните да се вратат на дијалогот што го води ЕУ. Двете страни имаат многу обврски кои треба да се исполнат, вклучувајќи го и основањето на Заедницата на општини со српско мнозинство“, изјави Борел.
Околу три часа по полноќ на 24 септември, во Бањска, Општина Звечан, во напади врз единици на косовската полиција беше убиен Африм Буњака, а полицаецот Албан Рашити беше ранет. Во полициската акција загинаа и тројца напаѓачи.