– Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, денес изјави дека ЕУ „нема да запре“ додека Иран не го ослободи нивниот официјален претставник од Шведска, кој е во притвор повеќе од една година.
Говорејќи за новинарите на неформалниот состанок на министрите за развој на ЕУ во Кадиз, Шпанија, Борел потврди дека „шведски државјанин што работел за ЕУ бил незаконски приведен во Иран и се наоѓа во притвор последните 500 дена“.
Неговите изјави следуваа откако американскиот дневен весник „Њујорк тајмс“ во понеделникот објави дека Јохан Флорус, кој работел за дипломатската служба на ЕУ, од минатата година се наоѓа во притвор во Иран, под обвинение за шпионирање.
Според извештајот, Флорус враќајќи се од одмор, бил приведен на аеродромот во Техеран во април 2022 година.
Борел истакна дека шведските власти имаат „целосна одговорност за конзуларна заштита“ на Флорус.
Истовремено, тој нагласи дека дипломатијата на ЕУ постојано го поставувала ова прашање на сите состаноци со Иран.
„Ова е постојано на нашата агенда, во нашето срце. Нема да застанеме додека Флорус не биде ослободен“, тврди Борел.