По 12 часа постигнавме договор како да се имплементира договорот постигнат на 27 февруари помеѓу Србија и Косово. Можам да соопштам дека Косово и Србија се согласија за анексот за имплементација на Договорот, што треба да води кон нормализација на односите помеѓу нив. Тоа вечерва го изјави високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, по маратонските 12-часовни разговори што во Охрид заедно со специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, ги водеа со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти.
Како што појасни тој, имплементацијата на договорот значи практични чекори што треба да се направи, кога, кој и како.
Тоа, како што рече Борел, доаѓа по долги и тешки преговори.
– Денеска имавме средби во неколку формати со цел да ги надминеме разликите помеѓу страните, рече Борел.
Посочувајќи на одредени детали од разговорите, Борел истакна дека косовската страна се согласила со посредство на ЕУ неодложно да отпочне дијалог за воспоставување специјален договор со кој ќе се гарантираа самоуправа на српските заедници во Косово.
– Со цел да се имплементира членот 7 од договорот, Косово се обврза веднаш да почне преговори во рамките на дијалогот на ЕУ за воспоставување конкретни аранжмани и гаранции за да се обезбеди соодветно ниво на самоуправа за српската заедница на Косово, рече Борел.
Според него, на масата биле предложени неколку креативни предлози, но иако страните не успеале да надминат некои од веќе познатите разлики, сепак Анексот и Договорот се сметаат за потпишани, како што и ќе биде објавено.
Борел истакна дека она што е прифатено од двете страни ќе стане интегрален дел од нивните одвоени напори во процесот за приближување и зачленување кон ЕУ. Она што е ветено од Белград и Приштина, ќе биде и формално обврска на патот кон ЕУ, а неисполнувањето ќе има негативни последици.
– Дијалогот не е само прашање за Косово и Србија, туку и за стабилноста, безбедноста и напредокот на целиот регион. На овој дијалог треба да се гледа преку поширок геополитички контекст, како важна алатка за одржување на стабилоноста на Западениот Балкан, рече Борел.
Тој најави дека уште в понеделник за се она што е договорено и преземено како обврска од двете страни во дијалогот ќе ги информира институциите на ЕУ, како заради признание на договореното, така и за обврските за што поскоро и целосно исполнување на ветеното.
– Морам да нагласам дека за отворањето на патот кон стратешката цел за членство во ЕУ, Србија и Косово мора да ги нормализираат односите, нема заобиколен пат. А Анкесот на овој договор е важен чекор за тој пат да стане реалност, истакна Борел.