Борел: Се надевам дека Вучиќ и Курти ќе имаат конструктивен разговор

– Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, вечерва во Брисел, на почетокот на средбата со лидерите на Србија и  Косово, изрази надеж дека тие ќе заземат конструктивен пристап.

Борел на Твитер, заедно со фотографии, напиша дека започнала заедничката средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, косовскиот премиер Албин Курти и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

– На дневен ред е предлогот на ЕУ за нормализација на односите. Се надевам на конструктивен пристап од двете страни, рече Борел.

Трилатералната средба започна нешто пред 18 часот. Борел и Лајчак претходно одвоено разговарале со Курти и Вучиќ, по што дошло до непланирана пауза од околу еден час, пренесува Бета.

Додека се одвиваше средбата меѓу Борел, Лајчак и Курти, српскиот претседател во Брисел се сретна со специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.