Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, денеска од Скопје порача дека иднината на Северна Македонија и нејзините граѓани е во рамките на Европската Унија и оти само заедно сме силни да се соочиме на тешката геостратешка околина во која се наоѓаме.
Досега, како што кажа, состаноците на ССА се одржуваа во Луксембург, а денеска за првпат воопшто го одржавме Советот за стабилизација и асоцијација во Скопје, бидејќи, како што кажа, сакавме да покажеме колку го цениме прогресот на Северна Македонија на нејзиниот пат.
Ова е, како што рече Борел на прес-конференција во Владата по одржувањето на 16-тиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Северна Македонија со кој претседаваше премиерот Димитар Ковачевски, јасен знак дека ЕУ ви се приближува и ви покажува дека Западен Балкан се и ќе продолжат во иднина да бидат важен дел од нашата геополитичка димензија.
Оливер Вархеји, евроамбасадор за проширување нагласи исто така дека е важно државата да не забави, туку да ја забрза својата работа на реформите. Најави забрзување на темпото на работата за пристап на земјата во ЕУ, но исто така нагласи дека треба „и Владата и Собранието да ја забрзаат работата на реформите“. Побара поддршка од граѓаните, бидејќи како што кажа на Европа и треба ваквата поддршка.
Премиерот Ковачевски го оцени состанокот како успешен и истакна дека Република Северна Македонија нема сомнеж дека оди по европскиот пат.
На прес-конференцијата изрази задоволство што е домаќин на 16. состанок по отворање на преговорите лани и оти бил направен пресек на состојбите, бил утврден направениот прогрес на земјата во подготвките за преговорите.
„Имаме целосна поддршка од ЕУ за успех во нашиот следен исчекор, рече Ковачевски додавајќи дека претставниците на ЕУ го поздравиле нашиот силен фокус кон реформите и усвојувањето на законодавството“, рече меѓу другото Ковачевски.
Претходно денеска во обраќањето на почетокот на Советот за стабилизација и асоцијација со ЕУ Ковачевски, како што соопшти Владата истакна дека овој состанок на Советот има историска димензија, бидејќи по 22 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и 17 години по стекнувањето на кандидатскиот статус, го одржуваме со започнати преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија, како членка на НАТО.
„Владата којашто ја предводам и во наредниот период ќе вложи максимални напори за навреме да ја заокружиме и отворачката фаза од пристапните приговори и да овозможиме динамизирање на преговорите“, рекол Ковачевски.
Потенцирал дека Владата работи со силен фокус на спроведувањето на неопходните реформи, особено во делот на владеењето на правото и дека продолжува посветеноста во унапредувањето на добрососедските односи преку развивањето дијалог базиран на меѓусебно почитување, во духот на европските вредности.
Како што соопшти Владата, на состанокот се разговарало за прашања од значење на Процесот за стабилизација и асицијација, како што се усогласогласувањето со европското законодавство, билатералните односи во рамки на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и за актуелни прашања за политичкиот контекст во регионот и во Европа.
Во делегацијата на Република Северна Македонија се и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, а во делегацијата на Европската Унија учествуваат и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, како и претставници на земјите членки на Европската Унија и европските институции.
Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) којашто стапи во сила на 1. април 2004 година, ја претставува рамката за спроведување на договорните односи, сѐ до приемот на Република Северна Македонија во Европската Унија.