„Во буџетот се предвидени околу 800 милиони евра за капитални проекти и тоа се само фиктивни и напумпани бројки за мислење и не сум сигурен дека оваа влада ќе ги реализира тие проекти“, рече Благој Бочварски во гостувањето на ТВ21.
Тој се осврна и на проектите за општините, велејќи дека од ова не се гледа ништо.
„Во делот на општинските проекти за оваа година, ВМРО-ДПМНЕ вети дека ќе се реализираат 100 милиони евра, додека за следната година ќе се додадат 250 милиони евра, што се големи суми на средства. А што се случи, еве го месец ноември и од тие 100 милиони евра реализацијата во моментов е нула и веројатно ќе остане. За следната година наместо ветените 250 милиони евра, сега гледаме дека во буџетот се предвидени околу 100 милиони евра, па прашање е колку од тие пари ќе се реализираат. Но, од она што можеме да го видиме, фокусот е на некаква медиумска активност и инвестиции кои вербално се презентираат во јавноста, но на терен нема ништо од ова“, рече Бочварски.
Потенцира дека актуелната власт само продолжува со реализација на проектите што почнаа во времето на СДСМ, притоа споменувајќи ги коридорот 8 и 10.
„Владата зборува за многу оптимистички и нереални бројки во буџетот, а од друга страна гледаме дека дефицитот е позициониран на 4%, а јавниот долг со кој ја предадовме Владата од 55% сега надминува 64% за крајот на годината“, рече Бочварски.