– Од 1 август се укинуваат сите дозволи кои се разменуваа на реципрочна основа на годишно ниво, а кои се однесуваат за превоз на стока кој се врши за и од трети земји помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија. Ова подразбира целосна либерализација на транспортот на стока и се однесува за сите еколошки возила почнувајќи со стандард од ЕВРО 1, ЕВРО 2, ЕВРО 3, ЕВРО 4, ЕВРО 5 и ЕВРО 6, соопшти Министерството за транспорт и врски.
Овој Договор е постигнат во рамки на Македонско-српската мешовита комисија за меѓународен патен транспорт на патници и стока која деновиве заседаваше во Република Северна Македонија.
Според Министерството, постигнат е договор за либерализација од 15 јуни годинава за наизменичниот превоз на патници истиот да се врши исто така без дозволи кој се разменуваа на реципрочна основа на годишно ниво.
-Ова најпрво е огромен успех за транспортерите од двете земји, успех е за Република Северна Македонија и Република Србија. Постигнавме историски договор, целосно ги укинуваме дозволите во патниот и товарниот транспорт и сето ова го правиме за развојот на двете земји, за економски напредок во регионот и за подобра економска соработка меѓу Северна Македонија и Србија. Ова е нешто за што напорно работевме со мојот колега, министерот Весиќ со огромната подршка на владите на двете земји. Ова е вистинската политика за олеснување на работата на превозниците и ова треба да биде пример за цел регион, рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Одлуката за либерализација на транспортот е дел од иницијативата „Отворен Балкан” и целите утврдени со Меморандумот за разбирање и соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки и патници во Западен Балкан.
Денеска ова го соопшти и срспкиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ.