Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска се сретна со генерален директор на Генералниот директорат за соседска политика и проширување на Европската комисија (ДГ НЕАР), Герт Јан Копман, и вршителот на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Микела Матуела.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања (СЕП), на средбата се разговараше за скрининг процесот, можноста за напредок во преговорите за пристапување во ЕУ и спроведувањето на реформската агенда.
„Во таа насока, вицепремиерот Маричиќ изрази очекување за натамошна поддршка од европските институции за реформската агенда и процесите кои се пред нас на патот кон ЕУ, укажувајќи дека тоа е ќе придонесе да го задржиме европскиот курс на државата, но и на стабилноста на целиот регион“, информира СЕП.
Копман и Матуела ја истакнаа потребата максимално да се искористи скрининг процесот како механизам за забрзување на клучните реформи и за напредок во преговорите за пристапување во ЕУ.
Вицепремиерот Маричиќ се заблагодари за континуираната поддршка и одличната соработка која ја имаме со европските институции, потенцирајќи дека посветено Владата работи на евроинтеграциите и продолжување на пристапните преговори, со цел, како што рече Маричиќ – „да ја направиме извесна европската иднина на македонските граѓани“.