Бојан Маричиќ од Тетово: “Наша цел е да ги задржиме младите и образовани кадри дома“

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за информатичко општество Азир Алиу го посетија Универзитет на Југоисточна Европа во Тетово.

Во рамки на кампањата „Ние сме Европа“ се сретнаа со проректорката Беса Арифи и студентите на Универзитетот. Се осврнаа на значењето на Еразмус Плус програмата, проектите за мобилност и нивното значење за академски напредок. 

Програмата Еразмус Плус им овозможува на студентите да се образовуваат, стекнуваат знаење и искуство, исто како и студентите од другите земји членки на ЕУ. Еразмус Плус се издигна како една од најпрепознатите програми на Европската Унија за образование, обука, млади и спорт. Можноста за размена на идеи и добри практики во европски и меѓународни рамки претставува инспирација за бројни генерации на ученици, студенти, образовен кадар како и организации и институции кои се во позиција да ги искористат придобивките што ни се на располагање“, истакна Бојан Маричиќ.

Програмата Еразмус Плус значително ги зголемува компетенциите на младите и им создава многу нови можност за нив во формалното и неформалното образование. Мобилноста, знаењето и вештините што им стануваат достапни на младите преку програмите и фондовите на ЕУ им отвораат светла перспектива.

Нашата цел е да ги задржиме нашите образовани кадри и млади луѓе дома, во Северна Македонија, со стекнатото знаење од европските образовни институции. Затоа ги охрабруваме младите да бараат стручна надградба и образование, кои подоцна ќе ги применат и со тоа значително ќе придонесат за средината од која потекнуваат и во која живеат“, порача вицепремиерот.

Тој ги поттикна студентите и младите луѓе да бараат начин како да ги реализираат своите амбиции и да ги остварат своите цели за прогресивна иднина на Северна Македонија во ЕУ. Оваа посета беше дел од кампањата „Ние сме Европа“ која во Тетово заврши со трибина со повеќе говорници.

Бојан МаричиќМакедонијаполитикаТетово