„Ние го спроведуваме она што нашето Собрание го усвои минатата година пред отворањето на преговорите. На 16. јули минатата година нашето Собрание ги усвои заклучоците меѓу кои беше и оваа обврска за овие уставни измени со коишто внесуваме во нашиот Устав, во преамбулата уште неколку заедници на оние што веќе се таму. Ние се обидуваме веќе цела година, на различни начини да разговараме со опозицијата и да ја убедиме дека ова е вистинскиот чекор“, изјави вечерва вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
„За жал, пружајќи го отпорот во целиот овој период се формира еден антиевропски блок или анти ЕУ блок што ја заострува реториката овие денови, а којшто се состои од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, и тоа го видовме и вчера на седницата. Речиси идентични позиции имаа тие две партии коишто ги убедуваа сите дека ова никогаш не смее да се случи. Затоа што на тој начин ќе сопреме на нашиот пат кон ЕУ или пак дека сега не е време дека треба да чекаме уште или да бараме подобри решенија и подобри предлози. Значи варијанти што не носат во ќорсокак и во долгогодишна блокада“, рекол Бојан Маричиќ во емисијата Само вистина на телевизијата Канал 5, во одговор на прашање дека седницата на Собранието за уставни измени е закажана на 18. август без да се обезбеди потребниот консензус.
Вели дека сите позиции што денес ги слушаме, не се пропуштени во преговорите.
„Сите овие позиции што денес ги слушаме дека треба да има одложено дејство на уставните амандмани, дека сме требало да бараме во сите делови реципроцитет. Ништо од тоа не е пропуштено во преговорите. Ние сето тоа сме се обиделе да го разговараме, но овој предлог којшто го имавме беше компромис од нашите барања, коишто беа да се донесат уставните амандмани на крајот на процесот, да има извесен реципроцитет и кај Бугарија во однос на пресудите во Стразбур и дојдовме до точка во која што постигнавме компромис со Бугарија, со посредство на Франција, Германија, ЕУ и сите наши партнери. Суштината на тој компромис е повеќе пати е објаснета“, кажа Бојан Маричиќ.
Потсети дека во разговорите е инсистирано и запишување на македонскиот јазик во преговарачката рамка и покажување на дело од страна на Бугарија дека ние можеме да потпишуваме договори со ЕУ на македонски јазик.
„Битката наша не е да ја убедиме Бугарија, туку ЕУ да не ја прифати бугарската позиција. Врз основа на тие три работи што ги добивме, за возврат се обврзавме дека ќе ги направиме уставните измени во текот на скринингот и потоа заедно со Албанија да ги продолжиме преговорите“, кажа Бојан Маричиќ.