Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ упати повик до претставниците на меѓународната заедница да ги види сите злоупотреби што се случуваат на Комисијата за европски прашања од сите аспекти.
„Тука сакам да известам дека Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘Обнова за Македонија’ писмено ќе ги извести сите амбасади во Република Македонија за оваа злоупотреба и за овој нов криминален срам кој што се нанесува на Република Македонија“, вели тој.
Бојан Стојаноски нагласи дека втор ден по ред, претседателот на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми ја прекинува работата на комисијата во триесет минути со, како што кажа, „шибицерски трик“, дава пауза од еден час, а потоа не продолжува спротивно на сите деловнички одредби.
„Имено, јавноста треба да знае дека сите процедури на оваа комисија се носат по скратена постапка со три дена дебата, а вкупно по вториот ден работа Собранието по оваа комисија не работи повеќе од 60 минути кумулативно кога ќе ги соберете двата дена. Ние ги повлековме нашите амандмани и го извадивме на чистина со нивниот интерес, а тоа е шверцерско прошверцување на овој закон кој што единствено за цел има криминални дејствија кои што треба да бидат легализирани“, вели тој.
Според него, три од спорните одредби што се регулираат со овој закон е мултиплицирањето на лиценците и давањето на лиценци на компании кои што во управни и надзорни одбори членуваат лица од кабинетот на Артан Груби, дозволување на онлајн коцкање и една од најспорните одредби е тоа што секој простор што треба да биде употребен за организирање на игри на среќа ќе треба да даде потврда Министерството за финансии, повторно институција предводена од ДУИ.