Бојкотот вроди со плод: МОН формираше комисија за решавање на проблемот со насилниот ученик

Министерството за образование и наука формираше интердисциплинарна комисија составена од претставници на министерството, Бирото за развој на образованието, општината, училиштето и социјалните служби, која се состанува за разгледување и преземање соодветно мерки и активности согласно законската регулатива, во чиј фокус се најдобрите интереси на ученикот, но и на сите инволвирани. Ваква информација од МОН добил Советот на родители во ОУ „Лазо Ангеловски“ во Скопје каде децата денеска ја бојкотираат наставата, а се однесува на ученикот со насилно поведение кој деновиве се посочува како причина поради којашто има бојкот во две основни училишта во Скопје – „11 Октомври“ во Центар и „Лазо Ангеловски“ во Аеродром. Причините за бојкотот родителите од двете училишта го посочуваат во тоа што станувало збор за ученик со насилно поведение за кој ниедна институција не се прогласи за надлежна и способна да му помогне и да ги смири страстите.

Едно од најголемите основни училишта во Скопје, „Лазо Ангеловски“ утринава осамна без ученици откако Советот на родители донесе одлука за бојкот со кој се согласиле сите паралелки од прво до деветто одделение. На училишната порта наместо детскиот џагор, осамнаа само транспаренти со содржина „Малиот тука ќе учи!“ и „Издржи мали, со тебе сме!“. Децата од 1 до 9 одделение се дома и ја бојкотираат наставата.