Бојмацалиев: МВР има капацитет да обезбеди фер, слободни и демократски избори 

Во интервју за порталот 24инфо.мк, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев зборуваше за капацитетите на МВР во делот на спроведување на претстојните избори. Притоа, тој порача дека МВР има капацитет да обезбеди фер, слободни и демократски избори, какви што беа и сите изборни циклуси од 2017 година до денес.

Истакнувајќи дека периодот во кој МВР беше предводено од поранешниот министер Оливер Спасовски со концептот „МВР за Граѓаните” беше период на тектонски реформи, кои целосно го променија безбедносниот апарат на државата и период на крупни инвестиции во капацитетите на македонската полиција, Бојмацалиев се осврна на инвестициите кои значат надминување на состојбите од минатото кои значеа изборни злоупотреби и нерегуларности, партизирани институции и политичко влијание во изборниот процес.

„Знаете дека од 2017 година наваму вложивме околу 13 милиони евра во униформи и опрема и 17 милиони евра само за реконструкција на полициските објекти низ државата. Притоа, дојдовме до бројка од 80 реконструирани објекти, енергетско ефикасни, кои значително ја подобрија ефикасноста на полицијата, потврдувајќи ја максимата дека само задоволна и мотивирана полиција може да донесе високи резултати во полициското работење. Покрај ефикасноста на полицијата, ефектите од вложувањата се евидентни и во виското ниво на транспарентност на МВР, рангирајќи го во топ три најтранспарентни институции во државата. Секако, круцијален аспект на капацитетот на МВР да обезбеди фер избори е постоењето на политичка волја. Без силна политичка поддршка, тешко е да се спроведе и одржи гарантирањето на интегритетот на изборниот процес. Оваа ефективност на МВР во контекст на избори значително зависи од способноста да се дејствува професионално, без политички притисоци од било која политичка партија. Впрочем, ова го истакнав во моето прво обраќање до јавноста, а го потврдив и на средба со репрезентативниот Македонски полициски синдикат, дека заеднички се заложбите против притисоци врз вработени”, истакна Бојмацалиев.

Бојмацалиев потсети дека со организацијата на локалните избори во 2017 и 2021 година, на референдумот во 2018 година, на претседателските избори во 2019 година, и на парламентарните избори во 2020 година беа поставени стандарди кои не смеат никако да бидат нарушени.

„Тие се водилка и за организација на изборите во 2024 година. Тоа е уште една обврска повеќе и мотивација за посебен ангажман за организирање и спроведување на избори по европски стандарди, со еднакви услови за фер натпревар на изборни програми, без дезинформации и без говор на омраза. Сметам дека е критично да се заштити интегритетот на изборниот процес преку непристрасно и транспарентно управување со изборните процедури. Ова вклучува строга примена на законите против изборни измами и манипулација, како и обезбедување на ефективни механизми за пријавување и адресирање на било какви нерегуларности. Очекувам професионална соработка помеѓу МВР, Владата, Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, домашните и меѓународните набљудувачи, како и со сите органи и тела кои имаат соодветна улога во организацијата и спроведувањето на изборите”, подвлече Бојмацалиев.