Во Лондон во саботата протестираа граѓани кои се залагаат за повторно влегување на Велика Британија во Европската унија, додека Брегзит го опишаа како голема грешка.
Тие се собраа пред хотелот „Hilton“ на Парк Лејн во центарот на британската престолнина, по што го започнаа – „Националниот марш за обединување“, пренесува весникот The Guardian.
Според весникот, демонстрантите биле облечени во сина облека и носеле знамиња на Европската унија.
Водачот на маршот и ко-основач Питер Кор вели дека одлучил да го организира маршот бидејќи се чинело дека сите се откажале од каузата.
„Брегзит беше огромна грешка. Сите ние, особено луѓето од работничката класа и сиромашните, плаќаме за тоа и мораме да направиме нешто околу тоа“, вели Питер Кор, кој е возач на камион од Дерби.
Тој наведе дека анкетите покажуваат дека 60 отсто од земјата и 80 отсто од луѓето помлади од 25 години се за враќање во ЕУ.
Граѓаните на Велика Британија на референдум одржан во 2016 година гласаа за излез од Европската унија.