Националниот центар за брза помош е во целосна оперативна готовност за транспорт и лекување на повредени со изгореници по барање на Македонија, напиша на платформата Икс, министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис и посочи дека четири болници во Атина и Солун се во состојба на зголемена готовност.
Георгиадис објасни дека по барањето од нашата земја до Европскиот механизам за цивилна заштита, во тек се „сите неопходни активности и во тек е координација помеѓу грчкото Министерство за надворешни работи, Министерството за здравство, Министерството за климатски кризи и цивилна заштита и Здравствен оперативен центар на брзата помош со цел транспорт, прием и лекување на повредените со изгореници во соодветните здравствени центри во земјата“.
Според министерот за здравство на Грција врз основа на оперативниот план во состојба на зголемена готовност се три болници во Атина и една во Солун, што воедно се и едни од најголемите грчки болници.
– Општиот координативен центар на службата за брза помош веќе го стави во состојба на готовност неопходниот број амбулантни возила, кои ќе се користат во случај да се донесе одлука дополнителни повредени со изгореници да треба да се транспортираат во здравствените центри на националниот здравствен систем или на Министерството за национална одбрана во Атина, напиша Георгиадис на Икс.
Дополнително потсети дека во општата болница „Папаниколау“ во Солун веќе се хоспитализирани три лица со изгореници.
Како што претходно објави МИА, грчки владини извори брифираа дека во болницата Папаниколау во Солун и во воените болници во Атина и Солун, ќе бидат хоспитализирани 18 повредени со изгореници во пожарот во дискотеката во Кочани и дека по телефонскиот разговор меѓу министрите за надворешни работи на двете земји Јоргос Герапетритис и Тимчо Муцунски, „со координирани активности на Министерствата за надворешни работи, здравство, цивилна заштита и службата за итна медицинска помош, Грција ќе ги прими сите повредни со изгореници, како што било побарано од Европскиот механизам за цивилна заштита“.
Тројца повредени со амбулантни возила попладнево пристигнаа во Солун и се хоспитализирани во болницата Папаниколау, а според информациите, станува збор за две девојки и едно момче на возраст од 25, 26 и 19 години, кои се тешко повредени со големи изгореници, еден од пациентите беше опериран, а операција ќе биде потребна и за уште едно лица.