Првата дама на Франција, Брижит Макрон (70 г.), во ретко лично интервју откри како го одложила бракот со Емануел Макрон за да не ги „уништи“ животите на своите деца. Таа за магазинот Paris Match открива дека десет години одложувала да се омажи за нејзиниот сопруг, францускиот претседател Емануел Макрон (45 г.) поради нејзините три деца, кои се приближно на иста возраст со нејзиниот помлад партнер.
Емануел Макрон имал само 15 години кога се заљубил во тогаш омажената Брижит Озиер, 25 години постара од него. Таа била негова професорка по драма во католичкото училиште „Провиденс“ во Амиен, северна Франција, а нејзината ќерка Лоренс била соученичка на Емануел Макрон. Нивната романса предизвика тогаш скандал во француската провинција. Родителите на Емануел Макрон набрзо го испратиле во Париз во друго училиште, но неговата желба да биде со својата професорка останала непроменета. Како што вели, Брижит Макрон тогаш си рекла дека кога Емануел Макрон ќе биде во Париз „ќе се заљуби во некоја на негова возраст“, но тоа не се случило никогаш. Брижит Макрон откажала од работата, а „единствената пречка“ и биле децата, затоа што не сакала да им „ги уништи животите“.
„Ми требаа десет години да ги подготвам. Можете да замислите што се слушнаа. Но, не сакав да го пропуштам животот“, рекла првата дама на Франција.
Нејзиниот син е три години постар од Емануел Макрон, а нејзините ќерки, кои сега имаат 46 и 39 години, се на иста возраст како нејзиниот сегашен сопруг. Таа исто така додала дека не знаела што ќе кажат нејзините родители за нејзиниот брак со поранешен студент, но признава дека нејзините браќа и сестри понекогаш се шегувале со гласините за врската со Емануел Макрон. Таа конечно се омажи за Емануел Макрон – државен службеник тогаш во доцните 20-ти години – во 2007 година, откако се разведе од нејзиниот сопруг Андре-Луј Озир една година порано.
Првата дама открива повеќе детали за својот брачен живот за кој вообичаено не зборува, а се осврнала и на тешкотиите на почетокот на нивната врска. И покрај тоа што е во брак 16 години, Брижит Макрон вели дека нејзиниот сопруг сè уште успева да ја изненади и воодушеви со неговата импресивна меморија и интелигенција.
„Имав многу одлични студенти, но никој немаше такви способности. Секогаш му се восхитував“, кажала таа.
Двојката ужива во мирниот живот во Елисејската палата кога претседателот се враќа дома помеѓу 22 и 23 часот, а Брижит Макрон му готви појадок, а понекогаш и вечера.