– БРИКС денес соопшти дека шест земји, меѓу кои и Саудиска Арабија и Иран, ќе се приклучат на блокот како полноправни членки во јануари следната година.
Блокот на економиите во развој се согласи за проширување со поканување на шест нови земји членки – Аргентина, Египет, Иран, Етиопија, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), објави денес претседателот на Јужноафриканската Република, Кирил Рамафоса, на крајот на тридневниот самит на БРИКС кој се одржа во Јоханесбург.
Овие шест земји ќе станат полноправни членки на блокот до јануари 2024 година, додаде тој.
Рамафоса истакна дека лидерите на БРИКС ги задолжиле своите министри за финансии и гувернерите на централните банки да го разгледаат прашањето за плаќање во нивните национални валути, а извештајот ќе биде претставен на следниот самит.
Досега над 20 земји имаат изразено интерес да се приклучат на блокот економии во развој, во кој членуваат Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република.
Лидерите на БРИКС се собраа во Јоханесбург на 15. Самит од 22 до 24 август.
Индискиот премиер Нарендра Моди истакна дека неговата земја отсекогаш целосно го поддржувала проширувањето на БРИКС. Тој додаде дека новите земји членки ќе го зајакнат блокот и ќе му дадат нова енергија.
Нагласи дека проширувањето на БРИКС е порака до сите глобални институции да се приспособат на глобалните текови.
Си Ѓинпинг, од своја страна, за проширувањето на БРИКС рече дека е нова почетна точка во соработката на блокот во унапредувањето на каузата за глобален мир и развој и оти смета дека на блокот му претстои светла иднина.