Британија планира да ги врати неуспешните баратели на азил на БАЛКАНОТ и да ги затвори во „центри за притвор“ – бидејќи бројот на мигранти што го преминуваат каналот Ла Манш достигна 5.000 оваа година

Лабуристичката влада во Велика Британија размислува за нови мерки за справување со кризата со илегалната миграција преку Ла Манш, вклучително и депортација на неуспешните баратели на азил во Балканските земји и нивно привремено сместување во „центри за притвор“.

Според предлогот, лицата чии барања за азил биле одбиени би можеле да бидат испратени во „центри за враќање“ во земјите од Западен Балкан, како што се Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија. Велика Британија би плаќала на овие земји одредена сума за секое депортирано лице.

Од почетокот на оваа година, бројот на мигранти кои илегално ја преминале Ла Маншката Теснина достигна 5.025, што е 24% повеќе во споредба со истиот период минатата година.

Само овој месец, повеќе од 1.100 мигранти пристигнале во Велика Британија за само четири дена, искористувајќи ги поволните временски услови и поддршката од шверцерите на луѓе.

Овие планови добија поддршка од Меѓународната организација за миграција (IOM) на ОН, која изјави дека ќе ги „советува и помага“ земјите што ќе се одлучат за вакви мерки.

Во меѓувреме, Холандија веќе преговара со Уганда за можноста за отворање на „центар за враќање“ во оваа африканска земја.

Албанија, пак, веќе има два празни центри за мигранти, кои требаше да бидат користени од Италија за азилантски процеси, но планот пропадна.

Како ќе функционираат „центрите за враќање“?

За лица од „несигурни земји“ (како Иран и Авганистан): Тие би биле испратени во балканските центри бидејќи нивната депортација директно во матичните земји е проблематична поради безбедносни причини.

За лица од „сигурни земји“: Тие би биле привремено сместени во овие центри, пред да бидат депортирани назад во нивните матични држави.

Разлика помеѓу планот на Лабуристите и конзервативниот „Руанда договор“

Лабуристите би ги депортирале само мигрантите чии барања за азил се официјално одбиени.

Конзервативците сакаа да ги испраќаат мигрантите во Руанда пред воопшто да им се разгледа случајот.

Новата влада на Киер Стармер е под притисок да најде ефективно решение, откако го укина контроверзниот Руанда договор на Ториевците.

Владин извор изјави за The Times: „Разгледуваме најширок можен спектар на опции со целосно отворен ум. Секој план што ќе го земеме предвид мора да биде финансиски одржлив, изводлив и законски издржан.“

Британското Министерство за внатрешни работи сè уште нема дадено официјален коментар за предлогот.