Амбасадорот на Велика Британија во Тирана, Аластер Кинг-Смит најави дека неговата земја ќе прогласи за „персона нон грата“ и други лица во Албанија.
Британскиот дипломат додаде дека овие санкции ќе опфатат политичари и бизнисмени кои „негативно влијаеле врз напредокот и демократизацијата на земјата“.
– Се сеќавате дека во јули минатата година го најавивме првиот бран акции и санкции против некои албански граѓани и можам да ви кажам дека ќе видите понатамошни активности во текот на оваа година. Се погриживме да имаме избалансиран однос кон сите луѓе од политиката, бизнисот и така натаму, изјавил амбасадорот, јави Ора њуз.
Велика Британија во јули лани за „персона нон грата“ го прогласи поранешниот албански претседател и експремиер Сали Бериша, кој во мај 2021 за непожелен го прогласи и американскиот Стејт департмент.
Амбасадорот се осврна и на масовната миграција на албанските имигранти во неговата земја, повикувајќи ги да не ризикуваат илегално да влегуваат во Британија, бидејќи ќе бидат депортирани, зашто Албанија е безбедно место за нив.
Во однос на локалните избори во Албанија кои ќе се одржат на 14 мај, тој порача дека е важно да не се злоупотребуваат државните ресурси за партиски интереси.