Британскиот премиер Риши Сунак денеска го отпушти претседателот на неговата владејачка Конзервативна партија поради „сериозно кршење“ на министерскиот кодекс.
Притисокот врз Надим Захави се зголемуваше поради наводите дека подмирил неплатени даноци од неколку милиони долари додека бил на чело на државната каса.
Во писмото до Захави, Сунак наведува дека бил принуден да реагира бидејќи на почетокот на својот мандат ветил дека неговата влада ќе биде влада на „интегритет, професионализам и одговорност на секое ниво“.
Захави не ја коментираше одлуката на премиерот.
Медиумите објавија дека Захави подмирил долг од речиси пет милиони фунти.
Надим Захави беше министер без ресор во владата на Риши Сунак.