– Британскиот премиер Риши Сунак го бранеше започнувањето на официјална истрага за справување со пандемијата на Ковид како „вистински начин“ за собирање детални информации за ова прашање, по протекувањето на комуникациите на поранешниот министер за здравство Мет Хенкок до јавноста, јави ДПА.
Сунак ја повика јавноста да се дистанцира од „фрагментарни информации“, осврнувајќи се на повеќе од 100.000 мејлови испратени преку апликацијата ВатсАп (WhatsApp), предадени на Дејли Телеграф.
Хенкок размислува да поведе правна постапка додека се обидува да ги отфрли тврдењата дека додека бил министер за здравство одбил да воведе услов за тестирање на коронавирус за лицата во болници или старечки домови.
Тврдењето дека не ги послушал здравствените совети и го отфрлил барањето за домашно тестирање е „целосно погрешно“, бидејќи тогаш му било кажано дека „во моментот не е можно да се спроведе предметното тестирање“, изјави портпаролот на поранешниот министер за здравство.
„Наместо да коментирам поединечни информации, сигурен сум дека правилниот начин да се реши ова прашање е да се започне истрага за Ковид. Има соодветна постапка за овие работи, ова е независна истрага која има ресурси и овластувања, а она што ние во овој Парламент треба да го направиме е да го оставиме да си ја работи работата“, рече Сунак.