– Зак Голдсмит, министерот на Британија задолжен за Азија, енергија, клима и околина, најави вчера дека поднесува оставка и го обвини премиерот на Велика Британија, Риши Сунак, дека е „незаинтересиран“ за животната срединa.
Во подолго писмо до премиерот Сунак, Голдсмит ја изразил својата одлука да се повлече од местото министер поради, како што го опишал тоа, „апатијата на Владата пред најголемиот предизвик со кој се соочиле“.
Истакнувајќи ги владините обврски и политики во врска со прашањата за животната средина, министерот во заминување рече дека Велика Британија „видно“ се симнала од светската сцена и го повлекла своето „водство во областа на климата и природата“.
„Бев ужаснат бидејќи, малку по малку, се откажавме од сите обврски – на домашниот и светски план. Нашите напори да се реши широкиот спектар на домашни еколошки проблеми едноставно запреа“, рече Голдсмит.
Меѓутоа, од Канцеларијата на британскиот премиер наведуваат дека Голдсмит поднел оставка откако е замолен да се извини за својата објава на социјалната мрежа Твитер, која ја доведе во прашање истрагата на Комитетот при Долниот дом за тоа дали поранешниот премиер Борис Џонсон го довел во заблуда Парламентот.
Комитетот на 15 јуни утврди дека Џонсон „свесно го довел во заблуда Парламентот“ за забавите кои се организирани во затворен простор во Даунинг стрит, прекршувајќи ги правилата во текот на пандемијата на Ковид-19.
Голдсмит негираше дека тоа е причината за неговата оставка.
„Мојата одлука да се повлечам долго е на чекање. Кога ќе споредам што мојот неверојатен тим и јас можевме да сториме пред сегашниот премиер да ја преземе должноста, ми се чини дека повеќе не можам да оправдам што сум во Владата“, додаде Голдсмит.