„Штетите од катастрофалните поплави во Словенија ќе достигнат неколку милијарди евра“, изјави во понеделник премиерот на државата, Роберт Голоб.
Во најлошите поплави досега во историјата на Словенија загинаа најмалку шест лица, а водата однесе многу куќи и остави неколку села во урнатини. Обилните дождови со денови паѓаа во околу две третини од земјата, уништувајќи згради и мостови.
„Штетата ќе изнесува неколку милијарди евра“, вака последните проценки ги изнесе премиерот во програма во живо на државната телевизија.
Според него, за ефикасна рехабилитација ќе биде потребно да се направи се и да се помогне секаде каде што е можно и да се добијат што повеќе средства од европските фондови и помош од странство.
Роберт Голоб најави дека Владата во вторник ќе донесе пакет помош за директно погодените. „Сакаме денес да им го покажеме на луѓето решението“, изјави премиерот и додаде дека времето за акција не треба да се брои со месеци и години, туку со денови и недели. „Неопходно е да се врати довербата на луѓето во државата и иднината“, посочи тој.
Илјадници луѓе се евакуирани од своите домови низ северозападна и централна Словенија, а Армијата, пожарникарите и спасувачите се обидуваат да ослободат други луѓе и да ги расчистат улиците.
Шест лица го загубија животот од поплавите, вклучително и двајца Холанѓани за кои се верува дека биле погодени од гром.
Словенечката агенција за животна средина објави дека поплавите почнале да се повлекуваат во понеделникот, но некои области сè уште се отсечени.
Европската унија понуди тешки машини и инженерски единици. Словенија, исто така, побара хеликоптери, војници и монтажни мостови од НАТО.
СТО МАКЕДОНСКИ ВОЈНИЦИ ТРГНУВААТ НА ПОМОШ ВО СЛОВЕНИЈА
Одлука за испраќање на сто македонски војници од различен состав во погодената Словенија, се очекува да биде донесена на денешната седница на Влада.
„Тие ќе одговорат на потребите на словенечката Армија и држава и ќе заминат најрано утре наутро“, потврди денес министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
„Денеска на седница на Влада ќе ја донесеме одлуката за упатување на сто војници од различен состав кои ќе одговорат на потребите на словенечката Армија и на словенечката држава“, посочи Славјанка Петровска.
Во врска со тоа дали се размислува за некој вид материјална помош, министерската вели дека ова е се што досега е побарано досега од страна на Словенија.