Бројот на загинати од земјотресот во Авганистан се зголеми на 2.205

– Бројот на загинати од земјотресот со интензитет од 6 степени што ја потресе покраината Кунар во Источен Авганистан во недела навечер, на 31 август, се зголеми на 2.205.

Информативниот канал Толо њуз, повикувајќи се на изјавата на Хамдулах Фитрат, заменик-портпарол на авганистанската привремена Влада, го објави бројот на жртви од земјотресот што ја потресе покраината Кунар во недела.

Фитрат соопштил дека бројот на загинати во земјотресот се зголемил на 2.205, а бројот на повредени се искачил на 3.640.

Во веста се наведува дека продолжуваат спасувачките операции во Нур Ѓул, Савки, Чапа Дара и Маноги, најтешко погодените области на покраината Кунар.

Рахимула Хамзала, портпарол на локалните безбедносни сили во покраината Кунар изјави: „Многу луѓе сѐ уште се заробени под урнатините, така што бројот на жртви може да се зголеми уште повеќе додека продолжуваат операциите за барање преживеани“, истакна Хамзала.

Хуманитарните агенции предупредуваат дека поради обемот на уништување, потребна е итна меѓународна поддршка за да се спречи влошување на кризата.

Турција оваа недела прати 25 тони помош во Авганистан, вклучително и многу потребни материјали за сместување, хигиенски комплети и пакети со храна.

Соседните Пакистан, Иран, Кина и Индија, како и западните земји, исто така, ветија дека ќе пратат помош.

– Земјотресот во Авганистан

Американскиот геолошки завод (USGS) објави дека земјотрес со јачина од 6 степени го потресе Авганистан на 31 август, 27 километри североисточно од Џалалабад, во близина на пакистанската граница, на длабочина од 8 километри.

Локалните власти соопштија дека ова е еден од најсилните земјотреси што ја погодиле земјата.