– Бројот на загинати Палестинци во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври досега достигна 13.000, од кои над 5.500 деца и 3.500 жени, соопшти синоќа Канцеларијата за медиуми во опколената енклава.
Бројот на повредени надмина 30.000, а повеќе од 75 отсто од нив се деца и жени, се вели во соопштението.
Администрацијата соопшти дека бројот на исчезнати лица надминал 6.000, а постои сомнение дека повеќето од нив се наоѓаат под урнатините на срушените згради.
Се наведува дека целосно се уништени 83 џамии, а 166 се оштетени. Напади се изведени и на три цркви.
Повеќе од 43.000 станбени единици се целосно урнати, а 225.000 се оштетени. Ова значи дека 60 отсто од станбените единици во Појасот Газа се погодени во бомбардирањата, се вели во соопштението.
Властите соопштија дека 25 болници и 52 здравствени центра, исто така, не се во функција од почетокот на нападите. Цел на израелските сили биле и 55 амбулантни возила, а десетици амбулантни возила не се користат поради недостиг на гориво.
Администрацијата ги смета „Израел и меѓународната заедница целосно одговорни за тековните злосторства во Појасот Газа“.
Таа ја повика меѓународната заедница „да изврши притисок ставање крај на оваа војна и овие злосторства што го срамат човештвото“ и ја нагласи неопходноста од снабдување со медицинска помош, материјали и гориво за болниците.