Фудбалерите на Манчестер Јунајтед го победија Фулам со 1:0 во натпреварот од 11. коло на Премиер лигата.
По двата тешки порази, од Манчестер Сити во Премиер лигата и од Њукасл во Лига купот, Манчестер Јунајтед ја забележа шестата победа во првенството и моментално е шести на табелата со 18 бодови.
Фулам, пак, остана на 14. позиција со 12 бода на своето конто.
Победата за Манчестер Јунајтед ја донесе Бруно Фернандеш со гол во 91. минута. По серијата грешки на фудбалерите на Фулам, топката на крајот стигна до Бруно Фернандеш, кој со убав удар од работ на шеснаесетникот го совлада голманот на домаќините.
Манчестер Јунајтед беше без Маркус Рашфорд за натпреварот, еден ден откако тренерот Ерик Тен Хаг ја критикуваше одлуката на играчот да се забавува во ноќен клуб по дерби поразот од Манчестер Сити.
Сепак, клубот од „Олд Трафорд“ соопшти дека отсуството на Маркус Рашфорд се должи на силен удар во ногата на тренинг и дека паднал на фитнес тест пред натпреварот.
Фудбалерите на Манчестер Јунајтед во следното коло од Премиер лигата ќе го пречекаат Лутон, додека Фулам ќе ја пречека Астон Вила.