Американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување на сеопфатна царина од 25 отсто за целиот челик и алуминиум увезени во Соединетите држави. Ова е првпат во неговиот втор мандат, тарифните мерки да важат за сите земји, без исклучоци.
Пред оваа одлука, тарифите беа наменети исклучиво за Кина, Мексико и Канада , додека компаниите од Мексико и Канада можеа да избегнат плаќање на давачките до 2 април доколку ги почитуваат условите од договорот USMCA.
Неколку земји, вклучително и ОК и Австралија, се обидоа да обезбедат исклучоци од оваа одлука, но безуспешно.
Економско влијание на царините
Администрацијата на Трамп тврди дека овие мерки ќе го поттикнат домашното производство на челик и алуминиум, додека критичарите предупредуваат дека тие можат да доведат до повисоки цени за американските потрошувачи и забавување на економскиот раст.
Американскиот институт за железо и челик (АИСИ), кој ги претставува домашните производители, ја поздрави одлуката, наведувајќи дека таа ќе придонесе за отворање нови работни места и зајакнување на домашната индустрија.
Претседателот на AISI, Кевин Демпси, рече дека новата политика го затвора системот на исклучоци, исклучувања и квоти кои претходно им дозволуваа на странските производители да ги избегнат царините.
„Го поздравуваме потегот на претседателот Трамп да го врати интегритетот на царинскиот систем и да спроведе силна програма за борба против нефер трговските практики“, рече Демпси.
САД се еден од најголемите увозници на челик и алуминиум, со Канада, Мексико и Бразил меѓу главните добавувачи.
Како тарифите ќе влијаат на американската економија?
Новите царини значат дека американските компании кои сакаат да увезуваат челик и алуминиум ќе треба да платат дополнителни 25%, што ќе ги зголеми трошоците во клучните индустрии како што се воздушната, автомобилската и градежништвото.
Американскиот совет за автомобилска политика, кој ги претставува големите производители како Форд, Џенерал Моторс и Стелантис, изрази загриженост за одлуката.
– Сè уште ги анализираме деталите за новите тарифи, но загрижени сме дека отстранувањето на исклучоците за Канада и Мексико може значително да ги зголеми трошоците на нашите добавувачи – изјави претседателот на Советот, Мет Блант.
Економските аналитичари предупредуваат дека овие мерки би можеле да им помогнат на американските производители на челик и алуминиум, но на сметка на пошироката економија.
За време на неговиот прв мандат во 2018 година, Трамп воведе царини од 25% за челик и 10% за алуминиум, но подоцна преговараше за ослободувања за одредени земји. Овој пат, Велика Британија и Австралија, кои претходно беа поштедени, не успеаја да избегнат нови трговски бариери.
Пазарите реагираат на мерките на Трамп
Стравувањата од економските последици од трговската политика на Трамп предизвикаа пад на вредноста на американските и светските берзи.
Индексот S&P 500, кој ги следи најголемите американски компании, падна за 0,7% во вторникот, откако забележа загуба од 2,7% претходниот ден, што е негов најголем дневен пад од декември. Британскиот FTSE 100 исто така падна за повеќе од 1%, додека францускиот CAC 40 и германскиот DAX забележаа сличен тренд.
Компанијата за економски истражувања Oxford Economics ја намали прогнозата за раст на американската економија оваа година од 2,4% на 2%, додека прогнозите за Канада и Мексико дополнително се намалени.
– И покрај пониските прогнози, сепак очекуваме американската економија да ги надмине другите големи развиени земји во наредните години – се наведува во извештајот на Oxford Economics.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека „неизвесноста за идната трговска политика на САД сега е поголема од кога било“, што може да влијае на долгорочната стабилност на глобалната економија.