Мисијата на Исламската Република Иран во Обединетите нации ги негираше тврдењата на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, дека Техеран се обратил до Вашингтон со цел да започне преговори.
„Ниту еден ирански функционер никогаш не побарал да клекне пред портите на Белата куќа“, се вели во писмената изјава.
Тие додадоа дека „единственото нешто што е поодвратно од неговите лаги е кукавичката закана за „соборување“ на врховниот лидер на Иран“.
„Иран НЕ преговара под притисок, НЕ прифаќа мир под уцена и секако НЕ со военоподбуцнувач кој френетично се стреми кон важност. Иран ќе одговори на секоја закана со контразакана, а на секоја акција ќе одговори со иста мера“, соопшти иранската мисија во ОН.
Да потсетиме, американскиот претседател Доналд Трамп неодамна изјави дека „иранските преговарачи предложија да дојдат во Белата куќа“.
Тој тврди дека Иран „подал рака“ и сака да разговара, но изрази сомнеж во успехот на преговорите, велејќи дека „не знае колку долго ќе трае конфликтот“.
„Два многу едноставни збора – безусловно предавање“, рече Трамп, нагласувајќи дека верува оти Иран имал „лоши намери“ кога станува збор за неговата нуклеарна програма.
Во кратко обраќање до јавноста, Трамп рече дека Иран има „многу проблеми“ и додаде дека сè уште не е донесена одлука дали САД ќе му се придружат на Израел во евентуалните воздушни напади против Иран.
На прашање од новинар за изјавата на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, кој рече дека Иран „никогаш нема да се предаде“ во конфликт со Израел, Трамп кратко рече:
„Велам – со среќа“, објавува Си-Ен-Ен.