Бугарија за Коридор 8: Тунелот на границата зависи само од одобрувањето на Македонија кое го чекаме три месеци

Бугарскиот министер за транспорт Гроздан Караџов изјави дека Коридорот 8 зависи само од одобрувањето, желбата и политичката волја на Република Северна Македонија затоа што три месеци новиот договор е испратен во Скопје и се чека на негово одобрување.

„Испративме договор за единственото нешто кое ни е заедничко, а тоа е тунелот на самата граница. Овој тунел е преполовен од самата граница на два еднакви дела. Половина е на територија на Република Северна Македонија, а другата половина на бугарска територија. Новиот договор е веќе испратен до нашите соседи, се чека на нивно одобрување, но тој не е одобрен веќе три месеци, и затоа ги собравме сите дипломати претставници на земјите од ЕУ и НАТО, затоа што овој коридорот е по должината на НАТО членки, почнува од Италија, преку Албанија, Северна Македонија и стигнува до Бугарија, на брегот на Црното море“, изјави Гроздан Караџов на работниот појадок со амбасадорите во Бугарија на земјите членки на ЕУ и НАТО.

Според БТА, Караџов рекол дека очекуваат одговор и коментари од Скопје за предложениот договор за да се планира експертска средба на која ќе се разговара.

Од македонското Министерство за транспорт соопштија дека македонската Влада е силно посветена на доизградба на железничкиот Коридор 8.

„На барање на Бугарија за постигнување договор за заедничка изградба на тунелското решение како гранична точка меѓу двете земји, веднаш било формирано работно тело во кое се министрите за транспорт, Александар Николоски, за надворешни работи, Тимчо Муцунски, за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и директорот на МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски“.

Но, досега двете работни групи не се состанале ниту еднаш. Бугарската страна ја откажала и претходно закажаната средба на директорите на двете железнички компании.

На почетокот на март бугарските медиуми јавија дека проектот за пругата кон Македонија бил стопиран поради пренасочување на средствата за завршување на домашните железнички проекти, односно за изградба на пруга од Софија до Бургас.

Тунелот меѓу Ѓуешево и границата се смета за стратешки објект кој ќе го поврзе Црното со Јадранското Море. Во овој момент Македонија е единствена од трите држави на Коридор 8 која работи во делот на железницата.

Првиот дел од пругата кон Бугарија, од Куманово до Бељаковце, во должина од 31 километар, беше пуштен во употреба во јануари. На вториот дел, од Куманово до Крива Паланка, изградени се 27,3 проценти, а рокот е 2026 година.