– Министерот за надворешни работи, ЕУ и соработка на кралството Шпанија Хосе Мануел Албарез Буено, кој е во посета на Тирана, истакна дека за време на шпанското претседателство со ЕУ ќе го поддржат напредокот на Албанија во процесот за членство.
На заедничката прес-конференција со министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, Буено ја потенцираше зголемената на соработката меѓу двете земји, што беше финализирано денеска со потпишување на меморандум за соработка.
– Пристигнав во Албанија како дел од турнејата низ западните земји и поддршката за Албанија во ЕУ ќе биде многу активна во текот на шесте месеци кога Шпанија ќе претседава со Европската унија. Односот меѓу Албанија, Балканот и ЕУ се теми за кои разговаравме со министерката. Разговаравме и за односот на Косово со Србија. Овој однос е надвор од економските врски. Ние сме солидарни за време на кризи. И помогнавме на Албанија со помош за вакцини и медицинска помош за време на пандемијата, изјави Буено.
Тој додаде дека со неговата колешка Џачка го делат истото мислење за неправедната и брутална агресија на Русија врз Украина.
– Разговаравме за улогата на Албанија во одбраната и глобалните прашања како членка на НАТО и земја која ќе влезе во ЕУ, а јас ја споменав улогата и активирањето на Албанија во многу важни безбедносни прашања. Ние во Шпанија ги промовираме и цениме вредностите што се напишани во Повелбата за права на Обединетите нации. Разговаравме и за соработката меѓу Албанија и Шпанија за борба против криминалните мрежи. Соработка има и на приватно ниво во делот на туристичкиот сектор и се надеваме дека ќе се зголеми присуството на шпански компании во Албанија, наведе Буено.
Шпанскиот шеф на дипломатијата информираше и дека ќе биде организирана средба на ниво на премиери меѓу двете земји за дополнително зајакнување на соработката на различни полиња.
Албанија и Шпанија денеска потпишаа Меморандум за соработка за постигнување на најдобра можна координација на работата за прашањата од европската интеграција.
Заблагодарувајќи се за посетата, што, како што рече, е прва на шпански прв дипломат по подолг период и поддршката на евроинтеграцискиот пат, Џачка меѓу другото посочи дека процесот на скрининг за земјата завршува на крајот на годината.