Во годината кога АД МЕПСО одбележува 20 години постоење, компанијата се соочува со бројни предизвици и можности кои го дефинираат не само нејзиниот иден развој туку и стабилноста на целиот енергетски систем на Северна Македонија. Преносниот систем останува клучна алка во обезбедувањето на стабилно снабдување со електрична енергија, особено во време кога енергетската криза, климатските промени и европските обврски бараат брзи и стратешки одлуки. За стратешките инвестиции во преносниот систем, интеграцијата на обновливите извори на енергија и плановите за идниот развој, зборуваме со директорот на АД МЕПСО, д-р. Бурим Љатифи.
Пет месеци пред крај на оваа 2024 г. се фативте во костец да бидете прв човек на АД МЕПСО. Колкав беше предизвикот од професорската позиција, да застанете на чело на државна енергетска компанија каде промените брзо се случуваат и се потребни темелни и одговорни одлуки?
Љатифи: Да се прифати позицијата прв човек на АД МЕПСО беше голем предизвик, но истовремено и голема чест и одговорност. Преодот од академската средина, каде што работев како професор и се занимавав со истражувања, кон водење на националната електропреносна компанија, не беше само професионална промена, туку и лична трансформација.
Како професор, фокусот ми беше на анализа, подучување и развој на идните генерации, но тука, во МЕПСО, одговорноста е поголема бидејќи одлуките што ги носам директно влијаат на стабилноста и сигурноста на енергетскиот систем во земјата. Се соочуваме со динамични промени во енергетскиот сектор на глобално и регионално ниво, што бара постојана адаптација и донесување брзи, но и добро анализирани и одговорни одлуки.
Енергетскиот сектор денес е под притисок на повеќе фактори – енергетската транзиција кон обновливи извори, дигитализацијата, растечките енергетски потреби и глобалните климатски предизвици. Во МЕПСО, овие прашања не само што ги анализираме, туку активно работиме на решенија кои ќе овозможат стабилност и модернизација на нашата електропреносна мрежа.
Нашата цел е да ја обезбедиме стабилноста на системот и да работиме на негов развој, воведувајќи нови технологии, зајакнувајќи ја инфраструктурата и зголемувајќи ја довербата кај јавноста. Се радувам што, и покрај краткиот период на оваа позиција, веќе гледам прогрес во реализацијата на проектите за модернизација, како и во посветеноста на тимот на МЕПСО, менаџментот и сите вработени, кои се клучен столб на оваа компанија. Во секоја одлука се раководам од одговорноста што ја имам како менаџер на државна компанија од витално значење за земјата, но и како човек кој сака да остави трага во трансформацијата на енергетскиот сектор во нашата земја.
Каква година очекувате на енергетски план во ситуација кога зимава цените на електричната енергија на светските берзи бележат нови рекорди, ЕСМ увезува струја, расте потрошувачката, а хидро акумулациите не се на завидно ниво?
Љатифи: Енергетскиот сектор во нашата земја ќе биде пред голем предизвик во 2025 година, особено во контекст на глобалните движења на цените на електричната енергија и локалните околности. Во такви услови, АД МЕПСО, како клучен дел од енергетскиот систем, има обврска да обезбеди сигурен и стабилен пренос на електрична енергија. Ова го постигнуваме преку тесна соработка со сите субјекти во енергетскиот сектор, особено ЕСМ и снабдувачите, за прецизно планирање и управување со енергетскиот биланс.
Фокусот ќе биде ставен на зголемување на ефикасноста во системот и минимизирање на загубите, но и на обезбедување итни интервенции каде што е потребно, особено во случаи на евентуални прекини во снабдувањето или зголемена побарувачка.
Дополнително, ситуацијата со хидро акумулациите бара рационално управување со овој ресурс. Ќе биде неопходно да се вложат максимални напори за оптимално искористување на достапните домашни капацитети, како и навремено увезување на електрична енергија, кога тоа е потребно. Притоа, треба да се обезбеди финансиска одржливост и да се минимизираат трошоците за увоз, имајќи предвид дека тоа директно влијае на буџетот на државата и крајните потрошувачи.
И покрај предизвиците, ова е и можност за дополнителни инвестиции во обновливи извори на енергија и модернизација на инфраструктурата. Ние сме решени да ја забрзаме транзицијата кон одржлив енергетски систем и да вложиме во дигитализација и автоматизација, што долгорочно ќе ја зголеми стабилноста на мрежата и ќе ги намали оперативните трошоци.
Очекуваме година полна со предизвици, но и со можности да покажеме дека можеме успешно да се справиме со овие околности. Со соодветно планирање, одговорност и координација, уверени сме дека ќе обезбедиме стабилен и сигурен енергетски систем за сите граѓани и компании во земјата.
За разлика од првиот и вториот квартал од ланската година кога Друштвото прокнижи загуби, за што одговорноста ја лоциравте во претходното раководство, третиот квартал кој се поклопува со доаѓањето на новиот менаџмент, заврши во плус. Која е патеката која треба да гарантира продуктивни инвестиции во насока на градење и управување на стабилен и доверлив електропреносен систем на најтранспарентен начин?
Љатифи: Фактот што третиот квартал од 2024 година го завршивме со позитивен финансиски резултат покажува дека промените во управувањето и стратегијата кои ги воведовме даваат резултати. Од првиот ден фокусот беше ставен на зголемување на ефикасноста, рационализација на трошоците и подобрување на оперативните процеси. Идентификувавме слабости кои беа наследени од претходното раководство и презедовме итни мерки за нивно надминување.
Патеката за продуктивни инвестиции ја гледаме низ неколку клучни приоритети. Првенствено, во инфраструктурни инвестиции бидејќи одржувањето и модернизацијата на електропреносната мрежа е основата за стабилен и доверлив систем. Работиме на реализација на капитални проекти за реконструкција и изградба на нови трансформаторски станици и далноводи, како и воведување современи технологии за мониторинг и управување со мрежата. Како компанија од јавен интерес, нашата обврска е секоја инвестиција да биде максимално транспарентна. Ја зајакнавме контролата врз јавните набавки, воведовме механизми за спречување на неправилности и секој наш чекор е јасно документиран и достапен за јавноста.
Преземавме и конкретни мерки за подобрување на ликвидноста и рационално користење на средствата. Паралелно, работиме на привлекување дополнителни средства преку европски фондови и партнерства со меѓународни институции за финансирање на нови клучни проекти.
Истовремено, работиме активно на интеграција на обновливите извори на енергија во преносниот систем. Ова бара не само технички надградби, туку и проактивно планирање за да обезбедиме капацитет за стабилен пренос на електричната енергија од новите производствени извори.
Целта ни е не само да остваруваме краткорочни финансиски успеси, туку и да изградиме одржлив систем кој ќе биде столб на економијата и сигурен партнер за граѓаните и стопанството. Нашата визија е стабилен, доверлив и модерен електропреносен систем, кој ќе се развива врз основа на транспарентност, одговорност и иновации.
Годинава која практично е во знакот на големиот јубилеј 20 години АД МЕПСО, ја започнавте со пуштање под напон на новиот 400/110 трансформатор во ТС Битола Но од друга страна, го раскинавте договорот за изградба на интерконективниот далекувод со Р. Албанија. Кои се активностите што се преземаат за да се вратат работите на посакуваниот колосек?
Љатифи: Навистина сме задоволни што годинава, во која ја одбележуваме 20-годишнината на АД МЕПСО, ја започнавме со пуштањето под напон на новиот 400/110 kV трансформатор во ТС Битола 2. Овој инфраструктурен објект е круцијален дел од енергетската инфраструктура бидејќи со него се обезбедува стабилно снабдувањето со електрична енергија за граѓаните и стопанството во Охрид, Струга, Ресен, Битола и Прилеп, и се зајакнува отпорноста и доверливоста на преносниот систем воопшто. Нашата мрежа беше изложена на сериозен ризик, особено поради дефектите на двата трансформатори, што создаде реална опасност од колапс на целиот електроенергетски систем.
Паралелно со овој проект, работиме и на други клучни активности кои ќе ја зајакнат стабилноста на нашата мрежа, како реконструкција на постоечките далноводи и трансформаторски станици.
Што се однесува до раскинувањето на договорот за изградба на интерконективниот далекувод со Република Албанија, тоа беше неопходна одлука. Причините за раскинување беа идентификувани во недостатокот на соодветна реализација од страна на изведувачот, што можеше да има сериозни последици за роковите и квалитетот на проектот. Нашата примарна цел е да обезбедиме дека сите инфраструктурни проекти се реализираат во согласност со највисоките стандарди и во зададените рокови.
По раскинувањето на договорот, започнавме целосна ревизија на проектот за интерконективниот далекувод. Во тек е подготовка на нова тендерска документација, која ќе вклучува строги критериуми за избор на изведувач, со цел да се избегнат слични проблеми во иднина. Истовремено, формиравме специјален тим кој ќе ги надгледува сите аспекти на проектот, од планирање до изведба, со фокус на квалитетот и ефикасноста.
Овој проект е од стратешко значење за целиот регион. Во тој контекст, остануваме во постојана комуникација со албанските партнери, како и со надлежните институции во рамки на ЕУ и други меѓународни институции кои го поддржуваат проектот, за да обезбедиме координираност и поддршка во реализацијата.
Градењето на интерконективниот далекувод со Албанија инаку е еден од најзначајните проекти за енергетска поврзаност во регионот, и решени сме да го завршиме успешно. Овој проект не само што ќе ја подобри сигурноста на снабдувањето, туку и ќе овозможи поефикасна размена на електрична енергија меѓу двете земји, што е од витално значење во енергетската транзиција на целиот регион. Со преземените мерки и посветеност, уверени сме дека ќе ги надминеме пречките и ќе го реализираме проектот според планот.
Можам да резимирам, дека раскинувањето на договорот со изведувачот Енергоинвест, всушност претставува почеток на завршување на овој многу значаен проект.
Кои инвестиции во преносниот систем ќе бидат во фокусот на Компанијата во 2025 година? Каква динамика очекувате во реализација на проектите за да, од една страна се овозможи енергетска транзиција на навремен и безбеден начин, а од друга, да се зачува стабилноста на електропреносниот систем?
Љатифи: Главниот фокус на АД МЕПСО годинава ќе бидат инвестициите во модернизацијата и развојот на преносниот систем. Нашиот приоритет е да реализираме проекти кои ќе ја зајакнат инфраструктурата, ќе овозможат интеграција на обновливите извори на енергија и ќе создадат услови за поефикасно и сигурно управување со електропреносната мрежа.
Покрај изградба на интерконективниот далекувод со Албанија, во нашиот фокус ќе биде модернизацијата и надградбата на постојните трафостаници како и реконструкцијата на постоечките далноводи кои се критични за стабилноста на системот. И секако изградба на нови линии за пренос до регионите каде што се очекува зголемена побарувачка или производство.
Инвестициите ќе бидат насочени кон создавање услови за поврзување на нови капацитети за производство на енергија од обновливи извори. Ова вклучува изградба на нова инфраструктура за приклучок на ветерни и соларни електрани, како и зголемување на капацитетот за пренос во регионите со потенцијал за производство.
Ќе продолжиме со имплементација на системи за дигитално управување со мрежата, вклучувајќи SCADA системи за мониторинг и контрола во реално време. Овие технологии се клучни за навремена и безбедна реакција на промените во системот и за ефикасно управување со зголемената динамика на енергетската транзиција.
Поставивме амбициозни, но реалистични рокови за сите проекти, со јасно дефинирани етапи за реализација. Се обезбедуваат дополнителни ресурси за забрзување на процедурите, а особено внимание ќе се посвети на навременото планирање на активностите кои се зависни од меѓународни и домашни партнери. Затоа воведуваме засилен надзор и управување со проектите, со цел да се избегнат одложувања и да се осигура дека средствата се искористуваат ефективно.
Со добро дефинирана стратегија, ефективна координација и посветеност на нашите тимови, убедени сме дека во 2025 година ќе оствариме значаен напредок кон стабилен и модерен електропреносен систем, кој ќе биде подготвен да одговори на потребите на енергетската транзиција.
Како МЕПСО се справува со предизвиците кои со себе ги носи зеленото сценарио од Националната стратегија за развој на енергетиката, односно имплементирање на европската регулатива и следење на стратешките определби на ЕУ? Кои се чекорите што ги презема МЕПСО за интегрирање на обновливите извори на енергија во електропреносниот систем?
Љатифи: Интеграцијата на обновливите извори на енергија (ОИЕ) е сложен процес кој бара техничка модернизација, регулаторни промени и финансиски инвестиции. За да можеме да одговориме на зголемените инвестиции во ОИЕ и да обезбедиме можност за нивно интегрирање во системот, без притоа да се наруши стабилноста на мрежата, планираме изградба на нова инфраструктура во регионите каде што се лоцирани најголемите потенцијали за производство од соларни и ветерни електрани.
Започнавме и со модернизација и проширување на трансформаторските станици за да се обезбеди капацитет за интеграција на новите производствени објекти. Таков пример е изградба на нова трафостаница во близина на Гевгелија и обновата на 110 киловолтниот далновод за да може да се приклучат над 1.000 мегавати од обновливи извори кои во моментов не се во функција поради недоволниот капацитет на мрежата во овој регионот. Проектот за интерконекција со Албанија исто така ќе го олесни извозот и увозот на зелена енергија.
Многу значаен за нас е и проектот за развој на паметни електроенергетски мрежи, кој го започнуваме во соработка со ЕБОР. Овој проект има за цел да ги унапреди можностите за интеграција на обновливи извори на енергија во земјата и е основа за идни инвестиции и за справување со предизвиците во електропреносната мрежа. Северна Македонија има цел да интегрира на 1,7 GW обновлива енергија до 2030 година, а за тоа да се реализира клучна е изработката на детална Студија за развој на мрежата во која јасно ќе се адресираат предизвиците за интеграција на ОИЕ. Студиските истражувања треба да послужат за ажурирање на 10-годишниот план за развој на мрежата (TYNDP) и подготовка на робустен инвестициски план за да се овозможи непречена транзиција и на преносната и на дистрибутивната мрежа.
Што се однесува до усогласувањето со европските директиви, МЕПСО ги имплементира стандардите на ЕУ од Третиот и Четвртиот енергетски пакет, со посебен акцент на правилата за управување со електропреносните системи, транспарентност и недискриминација во пристапот до мрежата.
Активно учествуваме и во регионални иницијативи за енергетска поврзаност, како што се проектите поддржани од Енергетската заедница и ЕУ. Преку партнерства со меѓународни финансиски институции, како ЕБОР и ЕИБ, обезбедуваме средства за модернизација на инфраструктурата и развој на зелени проекти.
Предизвик од голем приоритет е имплементирањето на европската регулатива особено онаа со која ќе биде овозможено реализирање на проектот за Market Coupling- ER CACM. До каде е процесот на спојување на пазарите и кои се проблемите кои се на тој пат?
Љатифи: Имплементацијата на Market Coupling, односно енергетско спојување на пазарите, претставува значаен предизвик за АД МЕПСО, но истовремено и можност за целосна интеграција на нашата земја во регионалниот и европскиот електроенергетски пазар. Овој процес е од стратешко значење, бидејќи ќе овозможи ефикасна распределба на капацитетите за пренос, намалување на трошоците за електрична енергија и зголемување на конкуренцијата на пазарот.
Основата за оваа интеграција е поставена преку неколку меморандуми за разбирање. Северна Македонија потпиша договор со Бугарија во 2018 година, по што следеа слични договори со Грција, Албанија и Косово. Во 2023 година беше потпишан и Меморандум за разбирање меѓу сите земји за спојување на пазарите на електрична енергија ден-однапред и создавање на единствен пазар на електрична енергија кој ќе биде поврзан со европскиот пазар.
Сепак, постојат одредени предизвици кои се должат на тоа што многу работи не беа навреме завршни во претходниот период. Како прво, кај нас е неопходно донесување нова законска регулатива. Токму затоа Министерството за енергетика и минералн суровини во изминативе месеци интензивно работеше на подготовка на нов Закон за енергетика, кој се очекува наскоро да се најде во Парламентот. Покрај ова, потребно е и многу работа и методологии што треба да се усогласат меѓу секоја од земјите во кои се спроведува спојувањето. Тоа се однесува на усогласување помеѓу операторите на електропреносните системи, берзите на електрична енергија, регулаторите и министерствата, како и релевантните институции на ЕУ.
МЕПСО од технички аспект, работи на модернизација на своите системи за управување и мониторинг, вклучувајќи ги IT инфраструктурата и платформите за размена на податоци во реално време, што се неопходни за успешна интеграција во Market Coupling. Во соработка со меѓународни партнери, работиме на развој и тестирање на системите за размена на податоци, управување со капацитети и оптимизација на трговските процеси. Активно учествуваме во иницијативи на Енергетската заедница за интеграција на пазарите и ги следиме најдобрите практики од земјите кои веќе го имплементирале Market Coupling.
Иако има многу педизвици, се надеваме дека со посветеност и соработка со регионалните и европските партнери, Market Coupling ќе биде успешно имплементиран. Поврзувањето со европскиот енергетски пазар ќе донесе значителни придобивки како за граѓаните, така и за бизнис заедницата. Ова ќе го олесни полесниот пристап до прекуграничниот преносен капацитет и ќе помогне за стабилизација на цените на електричната енергија, обезбедувајќи пореални и конкурентни цени. Освен тоа, ќе понуди повеќе можности за набавка на електрична енергија за време на периодите на најголема побарувачка.
Кое е вашето видување за енергетската иднина на земјава? Дали сметате дека некогаш Северна Македонија може да биде енергетски независна?
Љатифи: Енергетската независност е долгорочна цел која бара стратегиски пристап, големи инвестиции и постојана соработка меѓу сите засегнати страни – Владата, енергетските компании, приватниот сектор и граѓаните. Енергетската иднина на нашата земја зависи од нашата способност да спроведеме целосна енергетска транзиција, фокусирана на диверзификација на изворите на енергија, зголемување на производствените капацитети и ефикасно управување со ресурсите. Иако енергетската независност е сложен и амбициозен концепт, со вистинските инвестиции, политики и стратешки пристап, оваа цел може да стане реалност на долг рок.
Северна Македонија располага со значителен потенцијал за производство на енергија од сонце, ветер и хидро ресурси. Брзото и стратешко инвестирање во овие технологии ќе ја намали зависноста од увоз на енергија и ќе ја зголеми локалната продуктивност. Соларните и ветерните електрани, заедно со модернизација на хидроелектраните, треба да бидат во центарот на нашата стратегија.
Исто така, со намалување на загубите во системот и зголемувањето на ефикасноста на користењето енергија, како во индустријата така и во домаќинствата, односно со примена на современи технологии и политики за енергетска ефикасност, можеме да го намалиме притисокот врз производните капацитети и мрежата.
Притоа, со оглед дека преносниот и дистрибутивниот систем се основата за стабилно снабдување, со значителни инвестиции за модернизација на мрежата, ќе се овозможи интеграција на нови производствени капацитети и намалување на ризиците од прекини. Исто така, технологиите за складирање, како што се батериски системи и акумулациски хидроцентрали, ќе бидат клучни за балансирање на системот, особено со зголеменото учество на ОИЕ кои се карактеризираат со променливост во производството.
Со развој на домашните капацитети, зголемена енергетска ефикасност и воспоставување регионална соработка, можеме да ја обезбедиме енергетската стабилност и сигурност за наредните генерации. Нашиот фокус треба да биде на одржливост, економичност и воведување на иновативни решенија кои ќе го поттикнат енергетскиот сектор кон нова ера на развој.