– Италијанскиот тренер Карло Анчелоти и идната сезона ќе го предводи Реал Мадрид, најави денеска директорот на Кралскиот клуб за односи со институции Емилио Бутрагењо, ден од поразот од Манчестер сити (0-4) и елиминацијата во полуфиналето од Лигата на шампиони.
„Карло има договор со нас. Тој е одличен тренер и освои сè со нас“, изјави Бутрагењо одговарајќи на новинарско прашање околу иднината на Анчелоти на клупата на Реал.
Анчелоти, кој има договор со мадридскиот клуб до 30 јуни 2024 година, исто така, потврди дека останува на клупата.
„Никој не се сомнева во мене. Претседателот (Флорентино Перез) беше прилично јасен пред 15 денови‘, изјави Анчелоти.
Италијанскиот тренер минатата сезона ја освои Лигата на шампиони со Реал Мадрид, а оваа сезона со Кралскиот клуб освои три од можните шест трофеи.