Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи утре ќе престојува во работна посета на Виена, Австрија во седиштето на ОБСЕ.
Во рамки на посетата, како што соопшти МНР, Бујар Османи ќе има обраќање на првата Конференција за климатски промени во организација на ОБСЕ. Претседавачот ќе биде дел и од панел-дискусијата „Премостување на националната и глобална акција – Регионална соработка за справување со климатските промени“.
Бујар Османи во Виена ќе оствари и бројни билатерални средби, меѓу кои со министерот за надворешни работи на Австрија, Александар Шаленберг, со Американскиот специјален претставник за клима и поранешен државен секретар на САД, Џон Кери и со Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак.
Министерот ќе учествува и на настан по повод 30 годишнината од основањето на Високиот комесаријат за национални малцинства на ОБСЕ – „Научени лекции и потенцијални предизвици – Градење на долгорочна социјална кохезија во Југоисточна Европа“.
„Климатските промени и справување со предизвиците по безбедноста предизвикани од нив, како и градењето доверба, се дел од клучните приоритетите на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ“, наведува МНР.