„ОБСЕ и Советот на Европа споделуваат заеднички вредности и принципи градени со децении – одбрана на демократијата и достигнувањата на мултилатерализмот што се нарушени со воената агресија на Русија врз Украина. ‘Обединети за Европа’, како и насловот на сесијата, треба да биде целта и на понатамошното дејствување на овие две значајни организации кои ја гарантираат европската безбедносна архитектура, која е загрозена со војната во Украина“.
Ова го истакна претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи во обраќањето на завршната сесија на четвртиот Самит на Советот на Европа (СЕ) што се одржува во Рејкјавик, Исланд.
„Последиците и трошоците од оваа војна се чувствуваат во цела Европа и во поширокиот регион на ОБСЕ. Но, нашиот избор е да ги заштитиме нашите заеднички демократски вредности и заложби преку нашата мрежа на принципи и достигнувања, прецизно создадена да ја одбраниме нашата иднина“, кажал Османи.
Врвен приоритет во нашата работа, додаде Османи, ќе биде ублажувањето на страдањето на луѓето погодени од војната и од други конфликти кои стравуваат за своите животи и егзистенција.
„Убеден сум дека ОБСЕ има многу механизми кои може да ги понуди за надминување на состојбите во сите региони и во тоа нема да штедиме напори. Ќе продолжиме да даваме поддршка за функционалност на организацијата, за промоција на човековите права и недискриминацијата, безбедноста и одржливиот развој и сето тоа во координација со партнерите од Советот на Европа“, порача Османи.
Во своето обраќање Османи се осврна и на придобивките за Северна Македонија од членството во ОБСЕ и во Советот на Европа.
„Да се претседава со ОБСЕ во ова време на големи предизвици значи дека имаме капацитет да дадеме придонес во промовирањето на основните слободи, човековите права, демократијата и владеење на правото“, потенцираше Османи.
На маргините на Самитот во Рејкјавик, Османи одржа билатерални средби со министерот за надворешни работи на Шведска, Тобијас Билстром и со специјален претставник на британскиот премиер за спречување сексуално насилство во услови на конфликт и министер за Блискиот Исток, Северна Африка, Јужна Азија и ОНН, Лорд Ахмад од Вимблдон. Тема на разговор биле прашања поврзани со претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ и други теми важни за функционирањето на организацијата, наведуваат од МНР.