Со средбата со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, претседавачот со Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ), министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, ја започна дводневната посета на Босна и Херцеговина.
Османи во Сараево беше пречекан од членовите на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ, по што следеше состанок на двете делегации.
По состанокот со членовите на Претседателството, Османи ќе разговара и со министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, а планирано е двајцата функционери да имаат обраќање пред новинарите.
Најавен е и состанок на Османи со членовите на Колегиумот на двата дома на Парламентарното собрание на БиХ.
За време на престојот во БиХ, Османи ќе ги посети Мостар и Јабланица, каде ќе се состане со градоначалникот на Мостар, Марио Кордиќ, и со градоначалникот на Јабланица, Дамир Шабановиќ.
Покрај планираниот состанок со членовите на Централната изборна комисија, Османи ќе се состане и со претставници на граѓанскиот сектор.
Неговата посета ќе опфати средби со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина и персоналот на Мисијата, а исто така ќе има можност од прва рака да се запознае со работата на Мисијата на ОБСЕ во БиХ на терен.
ИЗВОР: ТРТ БАЛКАН