Бујар Османи: Очекувам парламентарни избори и нова влада во март

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, во одговор на прашање од новинарите, изјави дека по локалните избори на 19 октомври, земјата ќе оди на предвремени парламентарни избори, кои ќе резултираат со формирање нова влада и нов состав на институциите на сите нивоа.

„Веднаш по локалните избори, следат парламентарни избори. Во градот Скопје, според анкетите, соодносот е речиси осум спрема два во корист на Националната алијанса за интеграција наспроти ВЛЕН. Се упатуваме кон предвремени парламентарни избори. Во март ќе има нова влада, а и во Градот Скопје ќе има нов состав“, изјави Османи.

Тој нагласи дека промената што ќе започне од Чаир ќе биде само првиот чекор кон пошироки политички промени во земјата. Османи рече дека неговиот фокус не е на државните ресурси, туку на вистинските фондови на Европската Унија.

„Постојат средства, милијарди нераспределени евра што се достапни. Доволно е да имате тим, добро да знаете англиски, да седнете и да напишете проекти, да ги знаете критериумите на ЕУ и да успеете да ги привлечете тие средства“, објасни Османи.

Тој нагласи дека негова цел е да го развие Чаир преку европски фондови, а не преку партиски пари и клиентелизам.

„Што можете да направите со тие осум милиони евра од општинскиот буџет, кои се трошат за партиски активисти, или кои доаѓаат од Градот Скопјe или од владата? Јас сум посветен на развојот на Чаир со средства од Европската Унија и таму ги положив моите надежи“, заклучи Османи.