„Не е точно дека не постапуваме“, порача министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на прашањето дали Владата презема нешто по ставањето нови луѓе од државава и нивни фирми на фамозната црна листа на Соединетите Американски Држави (САД).
„Министерството веќе комуницираше со институциите кои се одговорни за финансиската циркулација во државата со цел да се преземат мерки да се ограничи протокот на средства за тие компании што се спомнати на црната листа. Но, ако треба дополнителни мерки, од типот на ова со законот, јас сум целосно за и ја поддржуваме и ја охрабруваме американската администрација да продолжи со овој инструмент затоа што е исклучително важен во нашата заедничка борба против корупцијата“, одговори Бујар Османи прашан за коментар на предлогот од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, со измена на закон да се оневозможи фирми што се на црната листа да учествуваат во проекти кои се платени со државни пари.
Во однос на ограничувањето на партиски донатори, Бујар Османи смета дека е „нелогично да има забрана за партиски донатори“, зашто тие ќе почнат скришно да донираат.
„Се додека донаторите јавно донираат, тоа е општествена одговорност и ние треба да ги охрабриме. Кога ќе почнат тајно да донираат, тогаш влегуваме во незаконско и криминално финансирање“, вели Бујар Османи одговарајќи на новинарско прашање по промовирањето пригодна поштенска марка за претстојниот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје.