Паравоената приватна група Вагнер денес соопшти дека нејзините сили ќе се повлечат од Бахмут, упостошениот град во источна Украина, од 25. мај до 1. јуни, а потоа ќе ги отстапат своите позиции на редовната руска Армија.
„Во западното предградие на Бахмут се поставени одбранбени линии. Така, групата Вагнер ќе го напушти градот меѓу 25. мај и 1. јуни“, соопшти денес водачот на оваа група, Евгениј Пригожин.
Евгениј Пригожин во саботата кажа дека неговите војници го зазеле Бахмут и дека ќе ја предадат контролата на руската Армија на 25. мај.
„Операцијата за заземање на Бахмут траеше 224 дена… Тука беше само Вагнер, а немаше редовни трупи на руската Армија“, изјави во саботата Евгениј Пригожин, кој е во отворен конфликт со воената хиерархија во Москва.
Украинските власти се уште ја немат потврдено загубата на Бахмут.
Заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Маљар, во саботата изјави дека – „украинските бранители продолжуваат да контролираат одредени индустриски објекти и инфраструктура и станбени згради, иако ситуацијата е критична“.
Двете страни претрпеа големи загуби во Бахмут, град со околу 70.000 жители пред руската офанзива, кој сега е главно уништен.