Вечерва претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска кампањата за претставување на својата програма ја продолжи од Битола. Во Битола пред присутните се обратија и претседателот на Левица, Димитар Апасиев и Јована Мојсоска, носител на листа во ИЕ5.Од митингот во Битола Билјана Ванковска упати пораки дека е среќна што токму Битола е местото кое и ја дало најголемата поддршка за време на собирање на потписите. Рече дека таа победа ќе се преслика и во среда низ целата Република.
– Јас знам дека нема потреба да ве убедувам. Ние сме една црвена армија која во среда ќе извојува победа. Јас програмата ја напишав толку рано што сите имаа можност да ја видат. Ја видоа и моите противкандидати па почнаа да преземаат. Ете утре ќе имаат можност утре да дојдат на тенок мраз да видиме кој на што стои и да го бранат она што го раскажуваат деновиве, истакна Ванковска.
Од Битола Ванкоска порача дека Левица е онаа која го тресе темелот на ова општество. Кажа дека денес дошле две честитки. Едната како што рече од другарите од Комунистичка партија на Индија, а другата од левичарите од Ирска. Ова, истакна Ванковска е доказ дека она што се случува овде има одек надвор.
– Моите противкандидати велат ќе ја направеле европска Македонија. Целава приказна за ЕУ јас сакам да ја боцнам како балон и да се види дека зад таа приказна нема бајка. Велат ќе го славеле 9 мај – Денот на Европа. Тоа е измислена работа. 9 Мај е Ден на победа над фашизмот. А, Битола градот на Стив Наумов, не трпи фашизам. Денес ние се соочуваме и со неофашизам, рече Ванковска.
Зборувајќи за ЕУ истакна дека нејзиниот прв човек тоне во корупција исто како и цела ЕУ. Тие мижат пред своите најкорумпирани елити, а кај нас бараат ветинг. Вели дека оние кои што тонат во корупција нас сакаат да не прочистат.
– Јас не велам дека ние не припаѓаме на Европа. Напротив, ние припаѓаме на Европа, но не и на Европската унија. Ми замеруваат дека многу сум зборувала за Палестина, за Газа. Па зарем она што нас ни го направија со Преспанскиот договор не е геноцид. И уште утре, на соочување, ќе треба да се објаснува дали сум про ЕУ или анти ЕУ. Не, јас сум про Македонија. Јас сум про македонска сила, истакна Ванковска.
Денес Македонија е урната земја, но не е урната за еден ден вели Ванковска. Спред неа систематски не’ уриваат веќе 30 години. Едните владеат од позиција на централно, другите на локално ниво. И си ги менуваат местата.
-Решение за се’ има. Само што решението не е во волшебно стапче туку во борба. Затоа ако немате храброст за борба и промена немојте да гласате или гласајте за било кого. Ако сакате промена треба револуција. Првиот чекор на револуцијата е зборување на вистината. За мене битката не завршува на 24, можеби нема да заврши ни на 8-ми. Тераме понатаму. До победа. Како што пееше Интернационалата – Ти што си ништо стани се’, го заврши своето обраќање пред битолчани Ванковска.
Претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска