Вардар конечно почна со подготовки за пролетниот дел од сезоната во ВМФЛ

Соочен со големи финансиски проблеми кои дополнително придонесоа неколкумина стандардни првотимци да заминат во јануарскиот преоден рок, најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар денеска ги почна подготовките на помалку од три недели до почетокот на пролетниот дел од сезоната во Втората македонска лига (ВМФЛ).

Подготовките, како што соопшти клубот, ќе се реализираат во Скопје, а закажани се три контролни натпревари, против Тетекс, Скопје и Работнички.

Вардар го заврши есенскиот дел од сезоната во ВМФЛ на второто место со 36 бодови, бод помалку од лидерот Гостивар, а два повеќе од третопласираната Воска.

Клупското раководство соопшти дека, и покрај сите проблеми, целта на Вардар е по двегодишна апстиненција да се врати во прволигашкото друштво.

– Нашата цел и понатаму останува и сите заедно сплотени цврсто веруваме во неа, објави Вардар на социјалните мрежи.