Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, вели дека земјата треба да го промени Уставот за да ги отвори поглавјата за членство во ЕУ.
Томас Вајц рече дека гледа индиции дека оваа влада е подготвена да оди напред во евроинтеграциите, доколку има гаранции дека Бугарија нема да поставува нови барања и нема дополнително да го блокира процесот.
„Мора да се обезбеди измена на Уставот, но и да се обезбеди да нема дополнителни барања, тој мора да биде обврзувачки и чувството е такво во Европската Унија. Власта тешко дека ќе може да им објасни на гласачите доколку нема гаранции. Мора да работиме да дадеме гаранции и да нема нови барања“, изјави австрискиот европратеник Вајц, кој доаѓа од Зелените.
За барањето на Владата за уставни измени со задоцнет ефект, Вајц изрази сомневање дека тие можат да поминат.
,,Она што е легитимно е дека Владата бара јасност за барањата, но не верувам дека ќе помине барањето за уставни измени со задоцнет ефект“, рече Вајц.
Тој нагласи дека треба да се изнајдат гаранции дека повеќе нема да има блокади и дека во моментов не го знае точното решение, но за пет до шест месеци може да каже поконкретно решение.
Вајц оцени дека земјата стана жртва на билатералното прашање со Бугарија, бидејќи преговорите не се лесни, туку затоа што новите геостратешки околности по руската инвазија на Украина, покажаа дека Западен Балкан не е некаде надвор, туку во сржта на Европа.
Што се однесува до напредокот во реформите, Вајц рече дека земјата напредува подобро од другите земји од Западен Балкан, но она што недостасува е имплементацијата на законодавството.