Вајц: Предлогот за исклучување на македонскиот јазик од извештајот дојде од четирите парламентарни групи на ЕП

„Мислам дека признавањето на идентитетот и јазикот на земја-кандидат треба да биде природно и безпроблематично прашање“, изјави известувачот на Европскиот парламент за земјата, австрискиот европратеник Томас Вајц, во врска со невклучувањето на термините македонски јазик и идентитет во усвоената верзија на неговиот Извештај.

На прес-конференцијата по усвојувањето на Извештајот за Македонската Република за 2023 и 2024 година од страна на ЕП, Вајц нагласи дека промените на првичната верзија на документот за признавање на македонскиот идентитет и јазик дојдоа од четири групи во Европскиот парламент.

„Не мислам дека грешеа, но во еден демократски процес беше одлучено дека оваа тема не треба да биде вклучена во овој Извештај. Мислам дека тоа е демократска одлука што треба да се прифати и јас ја прифаќам“, рече Вајц.

Тој нагласи дека Европската Унија е изградена врз принципите на помирување и добрососедски односи, како и врз признавањето на злосторствата од минатото, што мора да се направи за да се продолжи со градењето на заедничка иднина.

„Мислам дека треба да се фокусираме на ова. Сите земји од Западен Балкан, сите земји во регионот, треба да се фокусираат на ова за доброто на нашите граѓани, за подобар економски развој, за подобар социјален развој, а особено во сегашната геостратешка ситуација, според мене, од големо значење е да останеме обединети и да ги здружиме силите во одбрана на нашите европски вредности во овој многу непријателски глобален свет“, рече Вајц, додавајќи дека овој став им го пренесува на своите колеги од Северна Македонија и Бугарија.

Вајц потсети дека ова е првиот усвоен Извештај на ЕП за земјата од 2022 година и неговото усвојување со значително двотретинско мнозинство е поттик за земјата да се движи напред кон ефективен почеток на преговорите за пристапување.